Младите се срамат да работат како келнери и шанкери

Средношколците и студентите во Скопје се срамат да работат како келнери или шанкери, за разлика од нивните врсници во помалите градови кои самите се нудат за ваквите позиции, покажува искуството на сопствениците на угостителски локали.

„Кафе-бар од Скопје има потреба од келнери и келнерки со и без работно искуство. Потребно е да имаат завршено минимум средно образование, да се одговорни, културни и сериозни кон работните обврски. Познавањето на англиски јазик ќе се смета за предност. Почетна плата 12.000 денари нето плус бакшиш“. Ова е само еден од бројните активни огласи за работа кои може да се најдат на специјализираните интернет-страници за вработување. Навидум оглас на кој би требало да се пријават многу луѓе, имајќи ја предвид економската ситуација во земјава, особено млади лица кои сакаат да заработат екстра приходи додека учат или студираат. Но, најчесто на ваквите огласи има еден до двајца пријавени, а сопствениците на локалите се жалат дека имаат голем проблем да најдат персонал, особено келнери.

– Имаме неколку локали низ Скопје и ни треба дополнителен персонал, особено сега откако повторно се отворија и летните тераси. Повеќе од еден месец бараме келнери, но никако да најдеме. Речиси ниту едно младо момче или девојка не се пријави иако почетната плата е пристојна, а добро се заработува и од бакшиш. Изгледа младите повеќе сакаат да се гости во кафулињата и да се жалат како за нив нема работа отколку да се вработат. На голем дел им е срам пријателите и познаниците да ги видат дека работат како келнери – вели менаџер на познат кафе-бар од Скопје.

Со слична ситуација се соочил и менаџерскиот тим на популарна слаткарница во главниот град. Изминатиов период имале отворен оглас за келнер или келнерка и за нов шанкер кои им се неопходни поради проширување на бизнисот, со почетна плата далеку над минималната, со платени придонеси за здравствено и за пензиско осигурување и работа од 40 часа неделно. Но, на огласот се пријавило само едно лице.

– Од досегашното искуство со вработувањата можам да кажам дека младите се незаинтересирани за да најдат работа додека учат или студираат, за разлика од нивните врсници во развиените земји. Со оглед на тоа дека станува збор за почетна плата која нималку не е ниска, плус добар бакшиш, месечната заработувачка е многу пристојна за некој ученик или студент. Но, и младите кои неодамна дипломирале не сакаат да работат како келнери. Дел од проблемот го гледам во дисперзираните студии кои се отворија во речиси секој град и сега секој има завршен факултет, па сите млади мислат дека првото вработување треба да им е на некоја менаџерска позиција бидејќи имаат факултетска диплома. Малкумина се подготвени да почнат од некоја пониска позиција и да напредуваат во работата – вели сопственик на слаткарница во Скопје.

За разлика од Скопје, сопствениците на кафулиња и ресторани во помалите градови немаат ваков проблем. Баш напротив, тие велат дека кај нив постојано доаѓаат млади луѓе кои се нудат за работа и оставаат контакт без разлика дали локалот има потреба од работници во моментот. Кире Јошевски, сопственик на популарниот бар „Чаршија“ во Битола вели дека во овој град е исклучително лесно да се најде персонал, особено кога станува збор за млади луѓе. Односно, најголемиот дел од вработените во битолските кафулиња се млади на возраст од 16 до 20 години.

– Најчесто самите доаѓаат и се нудат за работа. Девојките повеќе сакаат да работат на шанк, а момчињата како келнери, што, според моето искуство, се должи на срамот што го чувствуваат. Во летниот период кога се на распуст, има поголем интерес. Во останатиот период работат млади кои имаат помал домашен приход, па истовремено сакаат и да помогнат дома и да се школуваат.

Според него, платата за тие позиции е солидна. Се движи од 500 денари нагоре за дневница, а вработените во кафулињата имаат расход од 250 денари за пијалоци во текот на работното време. Конкретно, во бар „Чаршија“ секој од вработените дневно има и најмалку 200 денари бакшиш, со што месечно се собира солидна заработена сума за млад човек.

Според државната статистика, во Македонија во 2016 година имало 225.049 невработени. Од нив, 18,4 отсто се на возраст од 15 до 24 години.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *