Масовно труење на животни во Македонска Каменица

Поголем број граѓани на социјалните мрежи објавуваат и споделуваат фотографии со умрени животни во централното градско подрачје на Македонска Каменица.

Според фотографиите, овој грозоморен чин, денеска остави да лежат умрени кучиња и мачки на отворен простор. Претежно во близина на Здравствената станица во Македонска Каменица.

Кучињата  скитници и останати незгрижени животни се горлив проблем на скоро сите градови во државата. Локалните самоуправи, иако работат според Законот за хуман третман и благосостојба на животните, секојдневно наидуваат на потешкотии на терен. Самата ситуација на терен кажува дека Законот и овој начин на третирање на животните, не нуди адекватно и системско решение на проблемот.

Граѓаните во своите објави на социјалните мрежи, изразуваат револт и го осудуваат труењето на животните. Бараат пронаоѓање и казни за сторителите. Велат дека ваквиот нехуман пристап не е решение. Со секоја осуда за стореното нехумано дело, како проблем ги посочуваат и сопствениците, односно чувателите на домашни миленици. Тие со недоволната грижа за истите во голема мера придонесуваат за ваквата лоша состојба и зголемен број на животни “скитници” на улиците.

Во упатените пораки до нас, граѓаните побараа објава за случајот со труење на животните. Со осуда за сторителите на овој грозоморен и нехуман чин, во прилог објавуваме дел од пристигнатите пораки и фотографии.

Секоја ваква појава треба веднаш да биде пријавена до надлежните институции. Така би се реагирало веднаш и би се спречила можноста за поголеми и несакани последици по животот и здравјето на граѓаните. Според информациите кои ги добивме, случајот не е пријавен до институциите.

Појавата на труење на животни во Македонска Каменица е релативно честа појава. Последните два потврдени случаи се од 2020 година, на 24. Април и 13 Јуни.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *