Македонска Каменица: Родители изразија незадоволство од одлуката за OnLine настава во ООУ “Св. Кирил и Методиј”

Македонска Каменица, 01.10.2020 година – Околу педесетина незадоволни родители од Македонска Каменица денес во дворното место на деветолетката „Св.Кирил и Методиј“ го изразија својот револт против како што рекоа одлуката за онлајн настава за своите деца, кои се ученици во ова општинско основно училиште. Дел од родителите кои протестираа сметаат дека училиштето ги исполнува условите за реализирање настава со физичко присуство на учениците.

-Ние бојкотираме затоа што сме свесни дека нашето училиште ги исполнува сите услови и стандарди што се бараат од Комисијата за заразни болести и Министерството за образование и протестираме да ни бидат примени учениците со физичко присуство. Ги исплолнуваме условите и во едносменско работење, а можеме да направиме и подсменска работа и затоа не прифаќаме никакво онлајн учење, туку да ни се овозможи настава со физичко присуство, вели родител од М.Каменица.

Како што додава еден од загрижените родители утрово имале средба со директорката на училиштето и претставници на општината и притоа информира дека поднесени се три приговори до надлежната комисија.

-Досега добивме два негативни одговори на приговорите кои ги поднесовме, го чекаме и одговорот на третиот приговор за кој мислиме дека и тој ќе биде негативен. Исто имаме поддршка и од наставниците и од градоначалниците, но нив ингеренциите им застануваат тука, само ни даваат поддршка но понатаму сами си бараме чаре. Најавивме преку медиуми дека ќе бојкотираме, се додека не ни овозможат физичко присуство на учениците, кои додека тоа не се случи нема да ги вклучуваме онлајн, додава еден од родителите кои денес го изрази својот револт.

Тој додаде дека при протестирањето се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19.

-Сите носат маски се одржува растојание, можеби понекогаш доаѓа до мало нарушување, ние отсабајле дојдовме поради тоа што не функционираше он-лајн платформата и учениците не беа примени, – вели друг родител

 

Од општината информираа дека е запазен законскиот рок и барањето на училиштата на 9 септември, согласно претходно усвоената одлука на Совет е проследено до комисијата која одлучува за тоа дали наставата да се одвива онлајн или со физичко присуство.

-Исто така сме во постојан контакт со родителите и Министерството за образование, имавме средба и денеска со дел од незадоволните родители на која беа разгледани сите аспекти и барања, но и обврски на самото училиште и самите родители. Нашиот апел е да не се попречува образовниот процес и при самото изразување на незадоволство да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, истакнаа од општината.

Во моментот како што додадоа, општината ќе набави техничко-нагледни средства за социјално ранливи и други категориии на граѓани кои не се во можност да го обезбедат тоа за нивните деца за следење на онлајн настава, особено во руралните средини.

Пијанечко-малешевскиот регион во кој потпаѓаат општините Делчево, Македонска Каменица, Берово и Пехчево во текот на изминатиот месец е со зголемен број на ново регистрирани случаи со коронавирус и притоа имаше еден починат просветен работник од Ковид-19 што според надлежните е една од причините наставата во дел од воспитно образовните установи да се одвива онлајн.

Извор: МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *