Македонска Каменица одбележа 17 години од смртта на Миле Јаневски Џингар

Денес, во Македонска Каменица со низа свечености и пригодна програма беа одбележани 17 години од трагичната смрт на херојот Миле Јаневски Џингар, а воедно беше одбележан и патрониот празник на средното училиште.

Миле Јаневски трагично го загуби животот кај Вејце, заедно со уште седум припадници на единицата „Волци“, во воениот конфликт во 2001 година. Денес, на спомен обележјата во Македонска Каменица кои се поставени во негова чест, цвеќе положија роднини, колеги, пријатели и локални раководители и функционери. Во училишниот двор на Средното училиште се оддржа пригодна програма, а се игра и меморијален турнир во мал фудбал.

Во својот говор, градоначалникот на општина Македонска Каменица г-ѓа Соња Стаменкова истакна:

Денес, Македонска Каменица одбележува 17 години од трагичната смрт на нашиот херој – Миле Јаневски Џингар. Најпрвин, на членовите на неговото семејство и на сите Каменичани сакам да им порачам да бидат секогаш горди, зошто Миле Јаневски е херој на нашата епоха.

Денес сме тука, да му оддадеме почит на Миле и на сите бранители, но и на нивните најблиски, зашто тагата треба да се сподели и во сите тешки моменти треба да чекориме заедно.

Денес ќе испратиме порака дека жртвата и делото на сите оние што трагично ги положија животите во воениот конфликт од 2001 година, никогаш нема да бидат заборавени. Тоа се нашите млади херои кои многу пожртвувано и несебично ги дадоа своите животи за оваа наша денешна независна и суверена Република Македонија. Ние сме сведоци на нешто што треба да биде многу поучно за сите нас, за сите сегашни и идни генерации.

Јас знам дека нашата благодарност кон херојското дело на македонските бранители секогаш ќе биде премала во однос на нивната саможртва, но секогаш мораме да им оддадеме почит, а и генерациите што доаѓаат по нас со пиетет да ги спомнуваат имињата на сите оние што ги положија животите во одбрана на својата татковина.

Споменот на Миле Јаневски Џингар е сеќавање на време на херои, спомен на македонскиот непокор, македонската гордост и слава. Македонска Каменица никогаш нема да го заборави подвигот на Миле, кој чесно и херојски се бореше за мир и посветла иднина на Македонија. Само оние што паметат, почитуваат и го вреднуваат минатото, можат да живеат во пристојна сегашност и да градат подобра иднина.

Делото на Миле Јаневски би било залудно доколку не биде наша вистинска водилка, доколку не бидеме сплотени и единствени и доколку не тргнеме по правилниот пат. Ние мораме да свртиме една поинаква страница и сите заеднички да го исполниме стремежот на нашиот херој – да допринесеме за развојот на нашата општина, за градењето на силна Македонија и да создадеме општество базирано на вистински вредности, критериуми и стандарди“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *