Македонија пресилна и за Црна Гора

Македонската ракометна репрезентација одигра уште еден натпревар со фантастично второ полувреме и дојде до втората победа на Европското првенство (ЕП) во Хрватска. Пред тимот на Гонзалез, падна селекцијата на Црна Гора, која е совладана со 28-29 (16-15).

Слично како и на мечот со Словенија, нашиот национален тим одигра две различни полувремиња. За одбележување е блесокот на Филип Кузмановски во вториот дел, кој го „изрешета“ голот на балканскиот ривал, како и добрата поставеност на пивотите кои Раул реши да ги удвојува и кои имаа за задача да отвораат место за бековите. За првпат на едно големо натпреварување, Македонија отвори со две победи на два меча.

Ракометарите одлично го отворија натпреварот, поведоа со 0-2, а потоа и со 2-4, но Црна Гора водена од Чавор и Анѓелиќ одговори со серија од 4-0 и го сврте резултатот во своја полза (6-4). Оттогаш, Македонија цело време бркаше негатива, а додатен проблем ни правеше нерасположениот голман, во случајот Ристовски, кој забележа само три одбрани за 20 минути игра. Исто така не функционираше и блокот, што ѝ дозволи на Црна Гора да биде во игра цело време.

Од 10-8, Македонија преку Талески и крилата Манасков и Георгиевски успеа да го сврти резултатот во своја полза (10-11), а се играше неизвесно до крајот на првиот дел, по кое Црногорците имаа минимална предност (16-15). Три и пол минути Македонија не успеа да постигне гол на стартот на вториот дел, а кризата не ја прекина ниту Лазаров, кој промаши пенал, но потоа Филип Кузмановски доби шанса и проработе и со два прекрасни гола ја врати Македонија во егал (19-19).

Раул во игра внесе и два пивота – Стоилов и Пешевски, кои одлично создадоа простор за Дејан Манасков да шутира од крилна позиција и повторно по долго време да ја донесе Македонија во водство (19-20). Следеше нова одбрана на Никола Митревски кој одлично го отвори вториот дел, па Кузмановски даде нов гол, трет на натпреварот, за комплетирање на серијата од 0-4 и првпат поосетлива предност на мечот од 19-21, по онаа стартната.

Поради недисциплина следеа две минути за клупата на Црна Гора, а бројчаната предност ја искористи Македонија и поведе со 20-24, највисока позитива на средбата, но следеа две промашувања на Георгиевски, кои Црна Гора ги казни и се врати на 24-26. Позитивата од два гола се држеше и на три минути пред крајот (26-28) и истата остана до финишот, пред се поради клучната одбрана на Борко Ристовски на една минута пред крајот. Пред самиот финиш на мечот, поразот на Црна Гора стана минимална.

Најдобар меѓу стрелците беше Филип Кузмановски, со пет гола, а го следеа Манасков, Лазаров и Миркуловски со по четири гола. Кај Црна Гора, Чавор даде шест гола, а Вујовиќ заврши со пет.

Македонија во наредната фаза е заедно со Хрватска, Исланд и Франција, кои исто така се сигурни. Последниот меч на ЕП го играме в среда, против европскиот првак и фаворит во групата Германија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *