Ликот и делото на Крсте Петков Мисирков – еден од најзначајните создатели на македонската посебност и култура

Д-р Крсте Петков Мисирков се смета за кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво. Тој е и автор на првата книга и првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и Софија, раководител на ТМОК и личност на македонскиот 20 век.

Мисирков е автор на книгата „За македонцките работи“, списанието „Вардар“ и голем број на научни статии објавени во различни весници. Покрај авторската дејност тој се занимавал и со превод на литературни дела и собирање на народни творби.

Роден е нa 18 ноември 1874 гoдина, во селото Постол (античка Пела) во сиромашно семејство.

Крсте Петков Мисирков oсновното образование го завршил на туѓиот грчки јазик. Немал средства да го продолжи школувањето, па кога му било понудено бесплатно да учи во Србија, тој прифатил. Сфаќајќи ја асимилаторската српска политика учествувал во немирите предизвикани од македонските стипендисти по што морал да го напушти Белград.

Отишол во Софија каде работите не биле многу поразлични. За да го продолжи школувањето без проблеми морал да се декларира како Бугарин. Тој не го сакал тоа, па се вратил во Белград. Но, таму работите ескалирале, бунтот на македонските ученици го предизвикале затворањето на училиштето, а Македонците биле испратени во внатрешноста.

Мисирков завршил четврти клас гимназија во Шабац, но повторно се вратил во Белград каде учел во учителската школа. Таму ја оформил ученичката дружина „Вардар“ во 1895, која претставува еден вид продолжување на дејноста на лозарите.

Мисирков на студии во Русија

По завршувањето на учителската школа, наместо на работно место во Приштина, тој отишол во Одеса со намера да студира во Русија. Бидејќи не му го признавале средното образование, тој уште две години учел духовна семинарија, па патоа се запишал на медицинскиот факултет, а во 1897 г. на историско-филолошкиот факултет.

Во Петроград Мисирков станал многу активен. Во 1900 г. го основал Тајниот македонско-одрински кружок. Во 1902 со Димитрија Чуповски, Н. Димов, Г. Константиновиќ и др. го основаат Македонското студентско друштво, кое 1903 прераснува во Македонско научно-литературно другарство „Свети Климент“. Членовите на ова другарство испраќале од своите редовни седници барања пред се до руската влада, па и до владите на другите европски држави, да се признае правото на македонскиот народ на самостојност, да му се признае правото на литературен јазик, правото за обновување на Охридската архиепископија.

Со студијата „Кон прашањето за народноста и причината за популарноста на македонскиот крал Марко“, како дипломска работа, 1902 г. Мисирков брилјантно го завршил факултетот.

За македонцките работи

Кога дошол во Македонија, во Битола работел за отварање македонски училишта и комуницирал со рускиот конзул Ростковски, кој бил познат како заштитник на рајата, па им станал трн во окото на турските власти.

Во тие лични залагања Ростковски ја немал поткрепата на својата влада. Дури бил и предупредуван и укоруван. На крајот турските власти инсценирале убиство, па Мисирков со мртвото тело на конзулот се вратил во Петроград. Тогаш избувнало и Илинденското востание во кое Мисирков не учествувал лично.

Во Петроград ја подготвил својата книга „За македонцките работи“ и отишол во Софија да ја отпечати. Тогаш го придружувал Војдан Чернодрински со неговата театарска група во Србија и зборувал за македонското прашање во светлината на српско-бугарското зближување што било остро пречекано од српскиот печат.

Кога се вратил во Софија да си ја подигне отпечатената книга, таа била откупена од тамошните власти и изгорена, а од изданието се спасиле и зачувале само мал број примероци. По таквиот настан Мисирков бил присилен да ја напушти Бугарија.

Списанијата „Вардар“ и „Македонски глас“

Се вратил во Русија и го подготвил и објавил списанието „Вардар“ од кое излегло само еден број (1905).

За време на Првата балканска војна бил дописник од јужна Македонија, а веќе во 1913 година се вратил во Петроград каде и се придружил на Македонската колонија која започнала да го издава списанието „Македонский голос“ (Македонски глас). Мисирков објавувал под свое име, но и под псевдонимот К. Пелски. За време на Октомвриската револуција, тој се вратил во Софија каде било неговото семејство (сопругата и синот).

Поради неговата дејност не бил добредојден, но сепак добил работа во Етнографскиот музеј, па во Карлово. Побарал работа во Кралството СХС, но не добил одговор. Под закана дека ќе биде ликвидиран, се разболел и умрел на 26 јули 1926 г., без да им остави никакви средства на своите блиски.

Прва стандардизација на македонскиот јазик од Мисирков

Најзначајното дело на Мисирков е книгата „За македонцките работи“. Во петтата статија „Неколку зборој за македонскиот литературен јазик“ тој ја дава теоретската основа за стандардизација на македонскиот јазик.

Носители на македонистичките идеи (самостојна Македонија, самостоен јазик) биле здруженијата формирани од емигранти – во Бугарија, Србија, Грција и Русија.

Прво такво здружение било формирано во Атина седумдесеттите години од 19 век од Стефан Дамчев Македон. Во 1888 г. во Софија Ѓорѓија Пулевски ја формира Словенско-македонска книжевна дружина. Во 1890 во Софија била оформена Младата македонска книжевна дружина (сп. „Лоза“). Во 1893 г. во Белград ученичката дружина Вардар, потоа Македонскиот клуб во Белград 1902 (сп. „Балкански гласник“). Македонско научно-литературно другарство во Санкт Петербург 1902 (сп. „Македонски глас“).

Дел од овие здруженија ги предводел и бил нивни член Крсте Петков Мисирков.

Идеите на овие здруженија, всушност, се дефинирани во книгата „За македонцките работи“ (1903).
Во книгата, освен прикажувањето на реалните состојби во Македонија („Шчо напраифме и шчо треба да напраиме за однапред“) се дадени предлози за подобрување на состојбата.

Најзначајна е, сепак, последната статија од книгата „Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик“, каде е дадена теоретската основа на официјалниот македонски јазик, а самата книга е напишана на тој јазик – како практична примена на теоретските правила

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *