Лекот „ивермектин“ од денеска во аптеките

Цената на лекот изнесува 299 денари, а може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или од специјалист

 

Лекот „ивермектин“, кој помага во лекувањето на ковид-19, од денеска се наоѓа во аптеките, откако претходно ги помина сите фази на одобрување во Министерството за здравство (МЗ) и Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, потврдија од МЗ.

Тој е набавен од производител од Турција, а малопродажната цена е 299 денари.

„Овој лек може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или лекар специјалист. Тој може да се употребува во домашно и болничко лекување и да се земе превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид-позитивен“,

велат од МЗ.

Оттаму нагласуваат дека повеќе клучни студии за неговата ефикасност кај ковид-пациентите се во тек или нивните крајни резултати сè уште не се публикувани во научни списанија, но прелиминарните резултати сугерираат дека „ивермектинот“ има поволен ефект во профилакса на ковид-19 кај експонирани лица, како и во терапија на пациенти со лесна, средно тешка и тешка клиничка слика.

Во претходните изјави за медиумите, и министерот за здравство Венко Филипче зборуваше за употребата на овој лек.

„Студиите укажуваат дека лекот се дава во три сценарија: кај ризични групи работници кои има ризик да заболат, втората група е кај луѓе кои биле во контакт со потврден заболен и нормално кај луѓе кои се заболени. Кај трите групи има различни индикации и дозирање, затоа е важно давањето да биде под контрола на лекар“,

рече Филипче.

Најавата дека лекот од денеска ќе се најде во аптеките вчера ја даде и директорот на МАЛМЕД, Љирим Шабани.

„Лекот е стигнат во земјава, се прават последни процедури за да се стави во промет и најверојатно од утре веќе ќе биде достапен. Цената на лекот ја одредува Министерството за здравство, но мислам дека ќе чини околу 300 денари“,

изјави вчера Шабани за државната агенција МИА.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *