Кој ја загадува Брегалница?

Последното загадување на река Брегалница донесе инспекција во неколку штипски фирми, сместени во кругот на некогашна Македонка. Се испитува која од нив е одговорна за обојувањето на водата во реката, за што пред два дена алармираа рибарите.

„Од моментот кога настана хаваријата најчесто се мешаа одредени обојувања  така што имаме обојување од различни сфери на колоритот. Сето тоа го разгледавме“, вели Сенка Андреева – општински инспектор за екологија

Загадувањето на Брегалница е постојано, водата во неа повремено ја менува бојата и се шири неподнослива миризба. За среќа поголем помор на риба не е регистриран. Од Министерството за животна средина велат дека мониторинигот ќе се засили и ќе биде континуиран по целото течение.

„Затоа и се менува законот за инспекциски совет, за прв пат ќе се донесе закон за инспекција во животна средина и тоа мора да вроди со плод“, вели Јани Макрадули – зам. министер за животна средина

Последниве години не се објавени истражувања за квалитетот на река Брегалница и околните притоки. Тој и понатаму е во пета категорија. Најголема грижа за заштитата на водите на истокот сепак покажуваат странците. За помали проекти Швајцарците обезбедија околу пет милиони швајцарски франци. Но вложија и во капитални проекти, како што е пречистителната станица за отпадни води кај Берово тешка околу 11 милиони швајцарски франци. Двојно повеќе швајцарската Влада ќе даде за пречистителната станица што се гради кај Кочани, на која освен неколку рамничарски села се плaнира подоцна да се приклучи и Виница.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *