Конте за Мурињо: Ти секогаш ќе бидеш мал човек!

Конфликтот меѓу португалскиот и италијанскиот фудбалски експерт почна уште во октомври 2016 година, а кон почетокот на оваа година стана многу отворен, и двајцата тренери не бираат зборови со кои ќе го навредат својот колега.

Мурињо, најпрво изјави дека „не сака да се однесува како кловн пред аут линијата“, алудирајќи на специфичниот начин на Конте на водење на натпреварите, на што Италијанецот одговори дека Жозе „заборавил како тој се однесувал во сите овие години“.

Мурињо потоа возврати дека „како и да се однесувал, тој никогаш не бил обвинет за местење на натпревари“, алудирајќи на четиримесечната суспензија на поранешниот италијански репрезентативец.

Конте денеска одговори на овој „низок удар“ на Португалецот.

„Мурињо е мал човек. Се обидува да ме навреди, иако не ја знае вистината. Тоа се одлуки на мал човек. Со нетрпение го очекувам натпреварот против Јунајтед, тогаш ќе го повикам во четири очи да поразговараме. Само тој и јас, ако тој има храброст“, изјави Конте, кој беше суспендиран на четири месеци поради обвиненија за местење на натпревари додека ја водеше Сиена, но во 2016 година судот пресуди во негова корист.

„Точно е дека бев суспендиран на четири месеци, но докажав дека сум невин. Ова што Мурињо го зборува докажува дека е мал човек. Од секогаш е бил мал човек и таков ќе остане“, изјави Конте.

Нема сомнение дека наскоро повторно ќе се огласи Мурињо, па очекуваме „војната“ меѓу двајцата тренери да продолжи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *