КАФЕАНИТЕ И КАФУЛИЊАТА ДА ЗАТВОРААТ ВО 18 ЧАСОТ, ДА СЕ ЗАБРАНАТ ПРОСЛАВИТЕ ПО ФИРМИ, НОВ ПРЕДЛОГ НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

КАФЕАНИТЕ И КАФУЛИЊАТА ДА ЗАТВОРААТ ВО 18 ЧАСОТ, ДА СЕ ЗАБРАНАТ ПРОСЛАВИТЕ ПО ФИРМИ, НОВ ПРЕДЛОГ НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИКафеаните и кафулињата беа отворени во мај по рестрикциите пролетта. (Фото: СДК.МК )

Од 18 декември до 21 јануари кафулињата и рестораните да работат до 18 часот наместо до 21 часот, е новиот предлог на Комисијата за заразни болести кој денес ќе ѝ го препорача до Владата за да се избегне зголемување на бројот на заболени од ковид-19 во престојниот период на празници. Министерството за здравство вели дека Комисијата ќе достави и препорака да нема групирање во станови за престојните празници, а ќе им препорача и хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот.

Комисијата, исто така, препорачува забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година како и секаков вид собири во периодот на празниците.

„Препораките за рестриктивни мерки се насочени во неколку сегменти и тоа во делот на реорганизација на работното време на угостителите, препораки за јавни собири, препораки до верските заедници, до работните организации и препорако кои се однесуваат на работата на рестораните во хотелските објекти“, изјави министерот Венко Филипче.

Останува на сила забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка.

Во однос на верските празници, Комисијата за заразни болести укажува на тоа дека на сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите на сила е препораката максималниот број на лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски.

Предлог на Комисијата е да се забранат секакви прослави во рамките на работните организации.

„Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за престојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба“, вели министерот Филипче.

Од Министерството велат дека на денешната седница на Комисијата имало и преставници на Независната угостителска комора кои го изразија несогласувањето со новиот пакет мерки што се однесува на реорганизација на работното време на угоститетелските објекти и доставија до Комисијата нивни предлози.

По завршувањето на седницата, Здравко Јосифовски од Независната угостителска комора кажа дека тие бараат за време на новогодишните празници да работат до 1 часот по полноќ и да се овозможи на угостителите да имаат соодветни музички програми.

„Тоа не значи дека ќе има забави, играње и гужви, туку начин достоинствено да се испрати годината заедно со ковид-19“, вели Јосифовски додавајќи оти ќе се почитуваат протоколите, а не како во приватните викендици каде нема да има контрола.

Б. НЕСТОРОСКА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *