Како да ја победите слабокрвноста?

Анемија е состојба на недостаток на црвени крвни клетки во крвта. Овој недостаток предизвикува здравствени проблеми, затоа што црвените крвни зрнца содржат во себе хемоглобин, којшто го пренесува кислородот до сите ткива во телото. А, без кислород, не е можно нормално функционирање на организмот.

Постојат различни типови анемија, а слабокрвноста предизвикана од недостаток на железо е една од најчестите.

Анемијата предизвикана од недостаток на железо уште се нарекува и сидеропенична анемија и се појавува кога во крвта има недостаток на здрави црвени крвни зрнца кои му даваат на телото енергија и здрав изглед на кожата.

Како што кажува и самото име, овој тип на анемија се појавува кога во телото нема доволно железо, затоа што без железо телото не може да произведува хемоглобин. Во таков случај, кислородот не се разнесува доволно до сите клетки на телото и се појавува замор, истоштеност, слабост и блед тен на кожата.

Причини за појава

Доколку не консумирате доволно железо или пак, поради некаква причина губите многу железо, тогаш телото не може да создава доволно хемоглобин и се појавува анемија. Најчести причини за појава на овој тип анемија се:

Недоволно внесување на железо во телото. Често луѓето се грижат за внесувањето на доволно витамини, но забораваат на неопходните минерали. За правилно функционирање на телото и избегнување на анемијата, потребно е да се внесува доволно железо, особено преку исхраната.
Загуба на крв. Крвта содржи железо во црвените крвни зрнца, па ако губите крв, губите и железо.

Обилните менструации или внатрешно крвавење можат да бидат причина за загуба на крв и појава на анемија.

Неспособност на телото за апсорбирање на железо. Железото кое се внесува преку исхраната се апсорбира преку почетниот дел на тенкото црево. Различните заболувања на овој дел од цревата или хируршкото отстранување на дел од цревата може да ја нарушат нормалната апсорпција на железо.

Сидеропеничната анемија – вид на анемија

Од гореспоменатото, многу е јасно дека за поставувањето на оваа дијагноза доволна е само рутинска микроскопска анализа на крвта, при што наодот на хипохромно пребоени еритроцити е апсолутна индикација за да се отпочне со терапија со препарати на железо. Доколку анемијата биде рефрактерна и не одговара на терапијата, тогаш треба да се бара вистинската причина за нејзиното настанување, иако тоа најчесто е неадекватниот внес на железо во организмот во одреден период на животот, кога побарувачката е поголема, а такви периоди се: детството, адолесценцијата и честопати кај жените – менструалниот циклус.

Понекогаш доказот за постоење на ваква анемија може да нè упатува да размислуваме и на некои посериозни состојби кои се карактеризираат со, иако мало по количество, хронично губење на железо. Некогаш рефрактерните на терапија сидеропенични анeмии се резултат на посериозна хематолошка абнормалност, како што е миелодиспластичниот синдром за чија дијагноза неопходна е и стернална пункција, односно цито-хематолошки преглед на пунктат од коскената срцевина.

Превенирање на длабока венска тромбоза

Како и да е, дефицитот на железо мора да биде надоместен не само за да се корегира анемискиот синдром и симптомите, туку и да се превенираат други последици, како на пример, длабоката венска тромбоза. Впрочем, неодамна излезе нова студија која јасно укажува дека луѓето кои имаат дефицит на железо, и тоа трае подолго време, имаат поголем ризик да добијат длабока венска тромбоза отколку оние кои имаат нормални количества на железо. Друг факт кој оди во тој прилог е дека кај оние кои се ставени на железо заменска терапија или оние каде третманот веќе бил започнат, се намалува ризикот да добијат длабока венска тромбоза во однос на оние кои не биле третирани. Ова е причина плус анемијата да биде навреме дијагностицирана и соодветно третирана.
Исхраната како важна улога во регулирање односно спречување на сидеропенична анемија.
Правилната исхрана е еден од најзначајните фактори во борбата против анемијата. Затоа, треба да се внимава на правилната исхрана односно да се консумира разновидна храна, во која секако треба да има производи богати со железо, како и производи кои ја олеснуваат апсорпцијата на железото во организмот.

Ова посебно се однесува на месото, живината, рибата, црниот дроб, јајцата, мешункастите зеленчуци, зелениот лиснат зеленчук и свежото овошје.

Важно е да се напомене дека железото од месото, живината и рибата се искористува 4-5 пати подобро во организмот отколку железото од другите намирници. Свежото овошје и зеленчук задолжително треба да се јадат заедно со месото, бидејќи витаминот Ц, кој изобилува во овие продукти, ја подобрува апсорпцијата на железото.

Исто така, важно e да се знае дека кафето, чајот и другите пијалаци кои содржат кофеин, теобромин или танин, треба да се пијат најмалку 1-2 часа пред или по завршувањето на оброкот, бидејќи овие супстанции ја отежнуваат апсорпцијата на железото или во целост да се избегнуваат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *