Истражување на ГАЛУП: Само 34% од граѓаните би се бореле за Македонија во војна

Во војна само 34 % од граѓаните би се бореле за Македонија

Денес помалку луѓе во светот се подготвени да се борат за својата земја во споредба со пред една деценија. Исклучок не е ниту Македонија. Според последното истражување на светската асоцијација „Галуп интернешнл“, доколку има војна, само 34 % од граѓаните би се бореле за Македонија. Во Европа, луѓето во земји што се надвор од ЕУ искажуваат поголема подготвеност да се борат за својата земја. Таков е примерот со Албанија, каде што 60 % одговориле „да“ – ќе се борат ако има војна во нивната земја. Уште повисок е процентот во Косово, каде што од анкетираните, 79% одговориле „да“. На првото место во „топ 5 – да“ е Ерменија, каде што 96% одговориле „да“, а на дното е Јапонија, каде што само 9% од анкетираните искажале подготвеност да се борат за земјата во случај на војна.

Бледеат патриотските чувства во сите земји во светот. Денес помалку луѓе во светот се подготвени  да се борат за својата земја во споредба со пред една деценија. Исклучок не е ниту Македонија. Според последното истражување на светската асоцијација „Галуп интернешнл“, доколку има војна, само 34 % од граѓаните би се бореле за Македонија.

„Ако има војна во која е вклучена и вашата држава, дали би се бореле за својата земја?“ На ова прашање, „да“ одговориле 34 % од анкетираните во Македонија,  „не“ одговориле 51 %, а 15 % – не знам/не дале одговор, го објави „Дојче веле“ истражувањето на Галуп.

Просекот во земјите членки на ЕУ е 32 %, оние што не би се бореле е 47 %, а 21 % немаат одговор. Ако на крајот од 2014 година подготвеноста за учество во борба во светски рамки била 61 %, на крајот од 2023 година таа паднала на 52 %. Пред десет години, 27 % биле против учество во борба, а на крајот од 2023 година така се изјасниле 33 %.

– Се чини дека декларираната подготвеност за учество во борба за земјата е намалена по избувнувањето неколку конфликти во различни делови на Земјината топка во последните години. Во 2014 година, на пример, по анектирањето на Крим од Руската Федерација, ставовите за истото прашање покажаа дека 61 % од населението на глобално ниво е подготвено да се бори за својата земја, а 27 % изразиле спротивно мислење. Во светски рамки, сега јасно се гледа поделбата меѓу глобалниот Југ/Исток и глобалниот Север/Запад. Додека граѓаните на ЕУ (32 % би се бореле), на САД (41 % би се бореле, 34 % не) и на Канада (34 % „да“, а 37 % „не“) се во многу помал степен подготвени да се вклучат во борба ако е нивната земја во војна, луѓето во Западна Азија (со 77 % „да“), Блискиот Исток (73 % „да“), каде што тензијата во моментов, исто така, е висока, како и во Индија (76% „да“), во многу поголем степен се подготвени да се борат за својата земја – се оценува во новото истражување.

Косовците и Албанците спремни за пушка во рака 

Од „Галуп интернешнл“ посочуваат дека исклучоците во Европа – каде што луѓето искажуваат поголема подготвеност да се борат за својата земја во случај на војна – се во земјите надвор од ЕУ: околу 60 отсто во тие држави се подготвени да се борат. Таков е примерот со Албанија, каде што 60 % одговориле „да“ – ќе се борат ако има војна во нивната земја, а 28 % „не“. Уште повисок е процентот во Косово, каде што од анкетираните, 79 % одговориле „да“, а 14 % „не“.

Резултатите во Србија се слични како и во Македонија – 36 % од анкетираните Срби би се бореле за земјата, а 50 % „не“. Во Босна и Херцеговина, 40 % одговориле „да“, а 47 % „не“.

Во соседна Бугарија, која е членка на ЕУ, 30 % би се бореле за земјата, а 42 % „не“.

Скоро секој Ерменец би се борел за својата земја, Јапонците не!

Кои земји се во првата петорка според подготвеноста на нивните граѓани да се борат ако има војна таму? На првото место во „топ 5 – да“ е Ерменија (96 % одговориле „да“), Саудиска Арабија (94 % „да“), Азербејџан (88 % „да“), Пакистан (86 % „да“) и Грузија (83 % „да“).

Најмал процент со одговор „да“ бележи Јапонија, каде што само 9 % од анкетираните искажале подготвеност да се борат за земјата во случај на војна, а 50 % одговориле „не“.

Во „топ 5 – не“, односно држави каде што граѓаните изразиле најмалку склоност да се борат ако има војна во нивната земја, предничи Италија (78 % одговориле „не“), Австрија (62 % „не“), Германија (57 % „не“), Нигерија (54 % „не“) и Шпанија (53% „не“).

Во Русија сега 32 % (а биле 59 % пред десет години) се изјасниле дека се подготвени да војуваат за својата земја, 20 % одговориле дека не се подготвени, а високи 48 % одговориле „не знам“.

Извор: ВечерПресс.Мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *