ЗРСК “Шаран” нема да учествува во најавената еко акција! Бараат суштинско решавање на проблемите со загадувањето на Калиманско Езеро

Македонска Каменица, 11.01.2022 година – ЗРСК Шаран од Македонска Каменица ги информира граѓаните дека ја поздравува најавената иницијатива за чистење на Калиманско езеро на 15 Јануари 2022 година, но нема да ја подржи и нема да земе учество во истата.

Во Соопштението за јавност упатено од претседателот на ЗРСК Шаран, Горан Стоименовски се наведува дека “Ваквите иницијативи, во моментов се само дефокусирање од основниот проблем кој со години постојано се случува при секое зголемување на водостојот на реката Брегалница”.

“Како концесионери за организирање на рекреативен риболов на езерото Калиманци, непосредно сме засегнати, бидејќи таквото загадување претставува удар врз животната средина и пред се на рибниот фонд во езерото”, – изјави Стоименовски, кој го наведе барањето на ЗРСК Шаран за итно преземање на сите институционални активности и мерки, кои во наредниот период ќе допринесат за трајно спречување на загадувањето на езерото Калиманци.

“Сметаме дека, состојбата со загадувањето во Калиманско Езеро е алармантна. Следни чекори кон решавање на овој евидентен проблем треба да бидат: итно формирање на меѓуопштинско координативно тело со утврден акционен план за делување, таргетирање на причините за настанување на загадувањето, утврдување на штетите по животната средина и санкционирање на одговорните за повеќегодишната контаминација на езерото Калиманци” – кажа претседателот Стоименовски, кој додаде дека “ЗРСК Шаран веќе е во контакт со надлежните институции и е во подготовка на панел дискусија, од која треба да произлезат конкретни мерки и предлози за трајно решавање на проблемите околу зачувувањето на животната средина, во и околу Калиманско езеро.

На крај, Стоименовски потсети дека “сите треба постојано да се грижиме за чиста животната средина, грижата за природата е наша обврска кон идните генерации, но исто така нагласи дека истата е материја во која треба да се вклучат сите надлежни државни и општински институции”.

Во организација НВО Валхала Фин и останати Здруженија на граѓани од Македонска Каменица и регионот, на 18.01.2021 година, ќе се одржи првата координативна работна средба “За спас на Калиманско Езеро”. Како концесионер за риболов и риболовни спортови во водите на Калиманско Езеро, ЗРСК Шаран ќе учествува во работата на ова координативно тело, каде ќе ги застапува ставовите и гледиштата изнесени во денешното соопштение за јавност. На средбата ќе бидат поканети раководители и претставници на надлежни институции, претставници од МЖС и ПП, градоначалници на повеќе општини од регионот, како и претставници на еко асоцијации, граѓански активисти и екологисти.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *