Македонска Каменица, 27.02.2022 година – Денеска, на Градскиот стадион во Македонска Каменица се одигра 12. Коло од Првата женска фудбалска лига на Македонија, каде силите ги одмерија ЖФК Каменица САСА и гостинската ЖФК Скопје 2014.
Студеното и влажно време за игра не ги запре каменичките девојки во освојувањето на трите значајни бода совладувајќи го ривалот Скопје 2014 со 2:0.
Иако Каменица САСА имаше минимално водство од 1:0 (Ана Димитровска), по голот постигнат од пенал во првите минути од натпреварот (7 минута), забележлива беше доминацијата на теренот од домашната екипа во текот на целите 90 минути. Сепак, многуте изгледни шанси на девојките од Каменица САСА беа преточени во гол на самиот крај од натпреварот. Ангелика Икеда успеа да поентира за конечни 2:0 на својот дебитантски натпревар во боите на шампионот на Македонија, ЖФК Каменица САСА.
