Значајна победа на “Баскет Кам” девојките против засилената екипа на ЖКК Крива Паланка

 

Македонска Каменица, 20.03.2021 година – Резултатската неизвесност и благото водство на домаќините се белег за вчерашниот натпревар помеѓу екипите на ЖКК Баскет Кам и ЖКК Крива Паланка.

Иако во текот на целиот натпревар Баскет Кам девојките имаа резултатска предност и контрола на играта, засилувањата во редовите на Крива Паланка допринесоа за интересна и до крај неизвесна завршница на натпреварот.

“И во овој натпревар, нашата тимска игра беше пресудна за извојуваната победа, за која морам да напоменам дека беше тешко извојувана. Натпреварот иако беше тежок за игра, истиот беше коректен и неизвесен до самиот крај. Навистина едно прекрасно надигрување со противникот, кој со новите засилувања е сигурен конкурент за висок пласман во првенството”, – изјави тренерот Јордан Цветановски по завршувањето на натпреварот

Најефикасни на теренот од редовите на ЖКК Баскет Кам беа:

  • Ивана Кметовска 20
  • Катерина П Димитровска 19
  • Стефани Колева 16
  • Моника Зафировска 13
  • Камелија Игнатова 12
  • АнаМарија Игнатова 8

Во редовите на гостинската екипа најефикасни беа Милена Петровиќ 26 и Марија Марјановиќ 22 поена.

Резултатот по четвртини се движеше 26-11; 22-24; 19-19; 21-16, за конечни 88:70 во корист Баскет Кам девојките.

Ова е прв натпревар на Баскет Кам на домашен терен, одигран во Спортската сала во Македонска Каменица. Досегашните натпревари беа одиграни во Скопје, што претставуваше дополителен хендикеп за каменичката екипа, која е единствена прволигашка екипа во Македонија без пораз.

Следното коло е резервирано за скопски Вардар кој доаѓа во Македонска Каменица да ги одмери силите со новиот лидер на табелата, Баскет Кам од Македонска Каменица. Натпреварот ќе биде пренесуван на www.kamenica.mk

 

Горан Бразда Ристовски

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *