Македонска Каменица денеска ја одбележува 19-годишнината од смртта на војникот Миле Јаневски – Џингар, кој го загуби животот кај тетовското село Вејце, во време на воениот конфликт во 2001 година.
Во негова чест, Ана Михаиловска и Горан Бразда подготвија рецитал „За Херојот на Каменица“.
Беше априлски ден, а детето стоеше на прозорот и го чекаше својот татко
да се врати. Татко кој замина со една желба. На своето дете и родната Каменица
да им обезбеди едно подобро утре. Човек со лавовско срце, челичен став-тоа
беше Миле. Од воздишките секојпат пареа се лепеше на стаклото додека со
нетрпение го очекуваше херојското враќање. Но, тој проклет 28-ми април донесе
нешто друго. Болен и херојски крик одекна од шарпланинското Вејце. Еден крик
што значеше едно прерано збогум. Загинал Миле, се ширеа гласини. Но, Кога?
Зошто? Каде? Молк. Гласна тишина, а толку прашања во себе. Дали е возможно
да постои толкава суровост? Од каде толку зло во луѓето? Толку
крвопролевање во 21 век. На 30 години ја пролеа последната капка крв. Крв што
за нас значеше светла иднина. 30 години се премалку за живот, но ти падна
херојски. Падна за синот Бојан, за мене и за сите други деца. И за родната мајка-
мајка Македонија. И небото плачеше тој ден, плачеше за Македонските
бранители, за волците, за Миле. Тој ден солзеа очи. Солзеа без престан, како летен
пороен дожд. Течеа една по една и правеа море од солзи. И имаше зошто.
Каменица загуби син, татко и херој. Ги чувствувам чекорите и надежта на моите
сограѓани, велат таа последна умира, но сепак умира со смртта на саканата
личност. Се случи неочекувано, бргу, но сепак беше вистина. Болна шлаканица
која зад себе остави само спомени и скршени срца. 19 години нанижани, а се уште
толку живо. Не знам дали би допрело, но дали некогаш помислија што ќе му каже
мајката на своето дете кога ќе праша: Каде е тато, кога ќе се врати?
И денес чувствувам празнина во себе додека ги полнам редовите
посветени на македонскиот херој. Солзите течат и денес. Зборовите стојат
заглавени во грло како здодевна пуканка од која ти солзат очите. Нели се
заздравува со текот на времето? Но, не! Не заздрави ниту тој априлски ден, ниту
наредниот, ниту денес. Масакарот кај Вејце, пролеаната крв и херојството на
македонските бранители денес значи наша слобода. И затоа боли, бидејќи смртта
е таква, остава длабока рана, а спомените се оние кои прават таа рана повторно
да крвари. Тие болат уште повеќе, а се единственото нешто што ни остана. И денес чувствувам како се цедат капки крв од раната направена пред 19 години.
Поминаа 19 години, но твоето дело и слава се присутни и денес. Бидејќи знам
дека сликата од тебе со пушка на рамо стои врежана во срцата на секој од нас.
Вејце, ниту може да се заборави, ниту да се прости. Денес мојот град има
едно име. Миле Јаневски- Џингар! Срца и души полни со тебе, ВЕЧНА ТИ СЛАВА!
Текст: Ана Михаиловска
Видео: Горан Бразда – www.kamenica.mk