ЗАПОЧНУВА ФИНАЛНАТА СЕРИЈА ВО ПЛЕЈ-ОФОТ: БАСКЕТ КАМ ПО ПРВ, ИЛИ БАДЕЛ 1862 ПО ШЕСТИ ПАТ?

Ако Бадел 1862 се смета за наследник на Вигор Скопје, бројката на досегашни титули е 13…

Почеток на финалната серија во плеј-офот: Баскет КАМ по прв, или Бадел 1862 по шестти пат?

Купот помина, дојде на ред и финалната серија на плеј-офот во женска конкуренција. Серија, која се игра според системот „подобар во пет “ натпревари, всушност ќе биде реприза на финалето.

И во битката за шампионскиот трофеј вечерва од 19.часот, ќе тргнат екипите на Бадел 1862 и на Баскет КАМ.

Девојките од Македонска Каменица го освоија куп-пехарот, сега ќе атакуваат и на оној, поважниот, шампионскиот.

Важат за фаворити со оглед на оние случувања во финалните 40.минути од Купот на Македонија.

Екипата на Баскет КАМ од Македонска Каменица

Но ако се „мери“ искуството односно бројот на освоените титули, „баделки“ се во огромна предност.

Ова е впрочем, прво појавување на Баскет КАМ во големото финале кое го дава новиот шампион.

Од друга страна зад Бадел 1862 пет освоени, по ред, титули во периодот од 2013 до 2018 година, и настап во последното финале (загубија од Вардар), додека во ланската сезона поради пандемијата, не беше промовиран шампионот.

Освен тоа, Бадел 1862 ќе ја има и почетната предност која ја носи играњето на домашен терен. Иако двете екипи си разменија по една победа во Суперлигата, „баделки“ се во предност затоа што имаат подобар скор во меѓусебните два меча.

Но таа предност и не мора да значи многу, со оглед на тоа дека финалистите досега победуваа токму на теренот на противникот.

Првиот меч од серијата се игра вечерва, со почеток од 19.часот, во салата „Независна Македонија “ во Скопје. Судиската тројка ја чинат: Цветановски-Червенка-Данев, а во улога на делегат е Цветковиќ.

Екипата на Бадел 1862 од Скопје

Поглед низ историјата

Ова ќе биде вкупно 28.финална серија од плеј-офот од постоењето на македонската клупска кошарка во женска конкуренција. Прв освојувач на шампионската титула, во сезоната 1992/1993, е екипата на Иноспектар Студент.

Екипата на Вигор Скопје пак е најтрофејната. Под тоа име „вигорки“ осум пати му се радувале на шампионскиот пехар, и уште пет под името Бадел 1862.

Четири пати шампион на Македонија во оваа конкуренција била екипата на Кимико од Струга (2002 до 2006 година). Во два наврати шампионските одличја ги добиле кошаркарките на Тиквеш (Флорида, Балкан) во сезоните 1993/94 односно 2001/2002,

А свое место во историјата на женската кошарка, како шампиони, има и за: Агроопрема, Водњански Лисици, Младинец Изградба комерц, Кросиг и скопски Вардар, кој е и последниот освојувач на шампионската титула.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО ФИНАЛНАТА СЕРИЈА

19.МАЈ: Бадел 1862 – Баскет КАМ

22. МАЈ: Баскет КАМ – Бадел 1862

26. МАЈ: Бадел 1862 – Баскет КАМ

29.МАЈ: Баскет КАМ – Бадел 1862 (ако биде потребно)

2.ЈУНИ: Бадел 1862 – Баскет КАМ (ако биде потребно)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *