Моника Златановска е дипломиран професор по математика – информатика. Таа е дел од Едуфронт уште од неговото основање како предавач на почетните обуки од Digipath – Дигитална патека за програмирање во Scratch. Моника работи со најмладите ученици и затоа ја има одговорноста да им покаже дека програмирањето и креативната работа со компјутери е забавен процес. Воведувањето на децата во програмирањето преку Scratch за Моника е задоволство зашто таа поседува голема трпеливост и голем ентузијазам за работа со деца. Покрај предавањата, Моника активно учествува во креирање и прилагодување на содржините и активностите во наставната програма за Digipath програмирање во Scratch. Таа има одржано голем број на бесплатни работилници за наставници и деца во склоп на Едуфронт активностите за запознавање и воведување на младите генерации во основите на дигиталните вештини.


Во серијалот Запознајте ги нашите предавачи, Моника ни го сподели своето искуство од нејзиното досегашно работење како предавач во Едуфронт и како професор во настава. Во продолжение да прочитаме што ни одговори Моника во нашето кратко интервју.
Едуфронт: Зашто е важно децата да учат дигитални вештини?
Моника: Живееме во ера во која дури наједноставните секојдневни обврски се дигитализирани, дали станува збор за онлајн маркет, аптека, банкарски трансакции. Дигиталните вештини се неопходни за многу работни позиции и онлајн учење. Нивното совладување ќе им помогне на децата безбедно и ефикасно да ги користат алатките кои ги нудат електронските уреди.
Едуфронт: Која е најубавата страна во работењето со деца?
Моника: Секое дете е различно и тоа е доволна причина зошто обожавам да работам со деца. Нивната енергија и искреност се како извор на среќа. Никогаш нема да ти биде доволно од нивната креативност и уникатни карактери. А уште една од причините зошто ги сакам децата е тоа што тие постојано мислат дека сè што ќе замислиш можеш да го исполниш, а јас сум тука да ги поддржам и да им помогнам да го остварат тоа.
Едуфронт: Дали се сеќаваш на твојот прв компјутер или првото искуство со работа на компјутер? Што е она што го паметиш и ти оставило впечаток?
Моника: Мојот прв компјутер имаше глувче со топче и монитор кој изгледаше како LCD да имаше голтнато баскет. Поседуваше Windows 98 и немаше место на кое немав кликнато за да ја проверам неговата внатрешност и да ја развивам креативноста преку цртање и пишување. Денешните деца нема никогаш да ја почувствуваат секојдневната битка на глувчето со топче.
Едуфронт: Како или кога одлучи дека сакаш да учиш и се занимаваш со ИТ?
Моника: Секој човек поминува низ образовниот систем. Преку моето искуство сфатив дека имаме многу застарени методи и содржини со што не можеш да очекуваш како краен резултат да имаш квалитетен продукт спремен за побарувачката на пазарот. Од тука сфатив дека сакам да бидам професор и секојдневно барем малку по малку да внесувам промени, па можеби како „worms“ ќе влезам во нечиј систем со што и тие ќе се „заразат“ со моето мото: „Биди професор каков што си сакал да имаш ти“
Едуфронт: Твоја порака до учениците/сегашните млади генерации.
Моника: Не дозволувајте некој да ви ја згасне желбата. Што ќе замислиш, можеш да оствариш.
