Дива депонија се шири покрај обиколниот пат кај Кочани

26.04.2018  Наместо оризови ниви и бавчи, голема дива депонија со години постепено се шири од двете страни кај еден од надвозниците на обиколниот пат околу Кочани.

Расфрланите отпадоци не само што го загадуваат плодното земјиште, туку се грда слика на магистралниот пат А3 што е сообраќајна врска со соседна Бугарија. Со оглед што камерата најдобро доловува како изгледа околината на коловозот, не треба подетален опис што се може да се најде во отпадот.

Најмногу загрижува што освен шутот и градежните отпадоци, овде се исфрлаат делови од расипани апарати за домаќинството, искористени автомобилски гуми, стара покуќнина, облека, а неретко и умрени домашни животни. Така, освен со поглед, големата нехигена може и да се помириса.

Како дополнување на целата ситуација е нарушената безбедност во сообраќајот, бидејќи често се случува ветерот да одвлече отпадоци на коловозот, па тоа да биде причина за несреќи, посебно во текот на вечерните часови.

Обидите депонијата да се исчисти и отпадоците да се покријат со земја, досега не дадоа големи резултати, затоа што така само се отвораат нови површини за фрлање отпадоци и за краток период сè се враќа по старо. Поради тоа неопходно е локалните инспекциски служби во соработка со републичките да преземат мерки за заштита на локацијата, без разлика дали тоа ќе се прави со почести контроли и казнување на оние што загадуваат или пак со поставување заштитна ограда на двете страни од коловозот.

Во непосредна близина на оваа дива депонија веќе се градат стопански објекти, со што околината почнува да се урбанизира, како што е и предвидено со ГУП на Кочани. Сепак, купот ѓубре се зголемува и ако не се преземат превентивни мерки, состојбата може да излезе надвор од контрола. Недозволиво е на ваков начин да се загадува простор што е блиску до градот, а посебно што во непосредна близина има плодно земјоделско земјиште.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *