Делчево наскоро со нов градски пазар. Објектот ќе се гради во централното подрачје, на градежна парцела со површина од 11.600 метри квадратни од кои речиси 7.000 метри квадратни е површина предвидена за градење на пазарот :
- Ние сакаме да добиеме современ градски пазар со целосна инфраструктура, во смисла отворен и затворен дел, кој што ќе биде покриен со кровна конструкција, изјави Горан Трајковски, градоначалник на Делчево.
За таа цел, општината објави оглас за изработка на архитектонски и урбанистички проект, и за нив локалната самоуправа предвиде 640.000 денари од сопствениот буџет .
Избраната фирма, архитектонско – урбанистичкиот проект треба да го изработи за 20 дена, додека за основниот проект рокот е два месеци :
- Решението на парцелата да даде можност за етапно градење со нагласок на прва фаза – отворен и затворен градски пазар со придружни содржини – и ќе опфаќа површина од 2500- 3000 м2 од вкупната површина за градење, дополни Трајковски.
Заинтересираните фирми имаат рок до 5-ти март за да ги поднесат своите понуди за подготовка на архитектонско – урбанистичкиот проект, а крајниот рок за вториот тендер истекува на 12- ти март.
По изработката на проектните документации, општина Делчево ќе бара начин за изградба на овој проект – или преку донации или преку јавно – приватно партнерство.
Извор: Телевизија Стар