Греење на пелети, струја или дрва? Како најмногу да заштедиме?

Помина веќе цела недела дена од официјалниот почеток на грејната сезона. Која опција е најисплатлива – парно, струја или дрва? Како да се заштеди а домот да биде топол? Статистиката е поразителна – Македонците за да ги намалат сметките во зима користат помалку од половина од станбената површина…

sofiq-shte-proizvejda-peleti-za-otoplenie-321109

Парно, дрва или струја – што е најисплатливо?

Во ЈП „Македонски шуми“ цените на огревното дрво се исти како лани – 2.370 денари за кубик бука и 2.450 за кубик даб. Од друга страна во приватните складишта е значително поскапо – од 3.000 до 3.600 денари во зависност од типот на дрвото; но во оваа сума влегува и транспорт, а најчесто и цепење. За една сезона просечно домаќинство троши од 5 до 8 кубици дрва во зависност од временските услови. Оттука вкупниот трошок би бил од 13.000 до 18.000 денари. Од 850.000 до 900.000 граѓани во зимскиот период се греат со дрвa. Дури 80 % од овој енергенс се користи во помалите места низ државава.

Парното греење од први август е поевтино. Најголемиот снабдувач, „Балкан енерџи груп (БЕГ)“ има пониски цени за 10.93%, „ЕЛЕМ енергетика“ за 11.59%, а „Скопје Север“ за 4%. На годишно ниво цената се намалува за околу 2.800 денари за домаќинствата кои живеат во стан од 50 метри квадратни. Сепак, и покрај поевтинувањето парното се уште е меѓу поскапите варијанти за греење. Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати сега е 1.800 денари или 21.600 денари годишно.

На први јули струјата поевтини за минимални 0.25%. Ако ова се преслика на една просечна сметка од 2.000 денари се доаѓа до заштеда од 5 денари. Крајната цена изнесува 4,97 денари за kW/h. Грубата математика покажува дека загревањето просечен дом на струја за една сезона би чинело најмалку 25.000 денари. Пресметките за домаќинствата што го користат овој енергенс се различни – во зависност од грејните тела. Сепак и оние што имаат парно или користат дрва во најстудените денови се догреваат со струја. Дури 80% од домаќинствата го користат овој енергенс како основно или дополнително средство.

Едноставни совети за намалување на сметките за греење

Загревањето само на една до две соби е можеби ефикасен начин на штедење, но со тоа се намалува квалитетот на живот. Експертите по енергетска ефикасност даваат други совети со кои можат да се скастрат сметките. Пониска температура за 1 степен, помала сметка до 10%. Ова е основниот метод за намалување на трошоците за греење. Со поставување на термостат на системот кој во просторијата ќе одржува 20 наместо стандардните 23 степени заштедите се значителни.

020715034154peleti

Дополнителните совети кои лесно можат да се применат и не чинат многу, а кои експертите за енергетска ефикасност ги даваат се:

  • навечер или кога нема никој дома системот да не се исклучува туку да се намалува температурата на 15 до 18 степени,
  • ако се користат радијатори да се постави алуминиумска фолија меѓу нив и ѕидот за да се рефлектира топлината,
  • проветрувањето да се прави само преку ден кога е најтопло, навечер собите да бидат затворени, како и вратите од ходниците, плакарите и помошните простории кои не се греат,
  • котлите на нафта гас и дрва редовно да се чистат – најмалку еднаш годишно,
  • електричните греалки да се вклучуваат директно во штекер, а не на продолжен кабел,
  • пополнете го просторот меѓу ѕидот и прозорецот со силикон. Така ќе престанете топлиот воздух да излегува надвор,
  • ако е сончево, потргнете ги завесите. Сонцето ќе ви обезбеди многу природна топлина во студените денови. Вратете ги завесите кога ќе се скрие сонцето,
  • поставете теписи, по можност со подолги реси, врз дрвените подови и плочките. Тие ќе ја стопираат апсорпција на топлината од подот,
  • оставајте ја вратата отворена додека се туширате. Така ќе можете да ги искористат предностите на топлиот воздух кој доаѓа од топлата вода, и во други делови од домот, не само во бањата,
  • кога ќе завршите со печењето, оставете ја вратата на рерната отворена за топлиот воздух да се разнесе низ целата кујна.

Сметката во крајна линија зависи од изолацијата на домот

Сепак, за вистинска заштеда потребни се инвестиции во самата куќа или стан – подобра изолација значи помала сметка.

„Сметката во крајна линија најмногу зависи од топлотната изолација. Оние што имаат солидно изградени објекти во секој случај штедат, во вакви временски услови дури и нема потреба од вклучување на системите за греење преку ден, само рано наутро и доцна навечер. Ставање на топлинска изолација и прозорци е мерка која бара најголемо вложување, но е и најисплатлива. Не се исплатува за една или две години, потребни се седум или осум, во зависност од тоа каков бил објектот“ вели професорот Ристо Цицонков кој е експерт за енергетика и за системи за греење и ладење.

ДЗС: Македонците греат само 45% од домот

Најлесен начин за штедење – загревајте само една соба. Ова, за жал го практикуваат најголем дел од Македонците. Во просек се топли само 45% од површината на домот, а останатите 55% остануваат студени, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според овие податоци 61.59% од домаќинствата користат огревно дрво, 28.60% електрична енергија, 8.33% се приклучени на централно парно, а останатите 1.48% употребуваат нафта, јаглен или гас.

Оние кои користат струја, најчесто имаат енергетски неефикасни грејни тела – една третина обични греалки, една третина термо печки, 15% панелки и 15% клима уреди. Само еден од пет климатизери е со инвертор.

toplo

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *