ВО МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА СЕ ОДРЖА ДРЖАВНИОТ НАТПРЕВАР НА МЛАДИ ТЕХНИЧАРИ

Македонска Каменица, 06.04.2019 година – Во Македонска Каменица денес, се одржа 56-от Државен натпревар на млади техничари и природници од Република Македонија во организација на Сојузот на здруженијата на техничка култура на Македонија – Народна техника и Сојузот на клубови на млади истражувачи и природници на Македонија и Народна техника Берово.

На натпреварот кој се одржува во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, учество земаа 510 ученици од основните училишта од скоро сите градови во Република Северна Македонија. Младите техничари и природници, меѓу кои и ученици од основното училиште во Македонска Каменица, можност да ги презентираат своите научно-истражувачки и апликативни резултати од областа на астрофизиката, роботиката, ракетно моделарство, применета физика, биологија, хемија и др.

Честа да го прогласи натпреварот за отворен ја имаше градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова која ја искористи приликата да се заблагодари за укажаната чест, токму нашиот град да биде домаќин на овој Државен натпревар. На натпреварувачите им посака многу успех во натпреварувањето, со надеж дека со денешната манифестација ќе успееме да допринесеме за зголемен интерес за овие науки кај младите истражувачи и природници од Македонска Каменица.

Исто така, Стаменкова во краткото обраќање до присутните, нагласи: прекрасно е чувството да се присуствува помеѓу 500-те млади иноватори од целата држава, кои денес допатуваа во Македонска Каменица да се натпреваруваат со свои иновации и новитети од областа на роботиката, астронаутиката, применета биологија, математика, астрофизиката, хемијата и многу други области. 

Покрај бројните претставници на Сојузите на народни техники од Република Северна Македонија, ментори и наставници на учениците- натпреварувачи, на настанот присуствуваа и претставници од Рудник Саса, директорите на останатите воспитно-образовни установи во општината, како и претседателот и членови на Совет на општина Македонска Каменица.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.