Билети за Суперкупот во Скопје се бараат од Нов Зеланд, Аргентина, Јужна Африка

Аплицирањето за билети за натпреварот во Суперкупот на УЕФА започна денес и ќе трае до 4 јули. Неколку илјади апликации биле пополнети по само неколку часа, информира портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.

Реал и Манчестер Јунајтед на 8 август на „Телеком арена“ во Скопје ќе се борат за трофејот во Суперкупот на УЕФА.

Овие два клуба се вистински магнет за фудбалските фанови низ целиот свет, така што не чуди интересот за нивното соочување во Скопје.

УЕФА на својата интернет страница денес го отвори аплицирањето за билетите кои се по цена од 15 до 50 евра. Секој кој ќе аплицира ќе може да добие максимум четири влезници.

Аплицирањето е глобално, фановите не се делат на оние од Македонија и остатокот од светот, а за клубовите Реал и Манчестер Јунајтед ќе бидат одвоени 7 до 10 отсто од влезниците, кои ги има околу 23.000. Ова значи дека во продажба ќе се најдат околу 20.000 билети.

Капацитетот на стадионот за овој спектакл ќе биде 30.500 места, а 7.000 билети УЕФА ќе задржи за себе и тие ќе бидат поделени на националните федерации кои се членки на УЕФА, потоа за спонзорите и за радио и ТВ куќите.

Интересот за мечот е огромен, а како што информираше Андоновски, првиот ден имало апликации и од Нов Зеланд, Јужна Африка, Аргентина, Австралија.

Заинтересираните можност за аплицирање ќе имаат до 4 јули до 14 часот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *