БАСКЕТ КАМ ЈА БРАНИ ТИТУЛАТА! ИМА ЛИ ВИСТИНСКИ РИВАЛИ ВО БОРБАТА ИЛИ САМО СПАРИНГ ПАРТНЕРИ?

Екипата на Вардар и силно засилениот состав на Куманово Гризли би можеле да „влезат“ во конкуренција за највисок пласман…

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ: Баскет Кам ја брани титулата, има ли вистински ривали?

Овој викенд, и официјално ќе биде отворена и новата натпреварувачка сезона во најсилното, најквалитетното натпреварување во женскиот клупски сегмент Првата „А“ лига.

Според истиот систем за натпреварување, осум екипи кои беа дел од оваа конкуренција, ја сочинуваат и во новиот шампионат.

А се чини, дека актуелниот бранител на шампионскиот трофеј, екипата на Баскет Кам 2011, е во мала предност во однос на конкуренцијата.

Ја дава играчкиот ростер кој го има на располагање новиот шеф на стручниот штаб, Жаклина Стојановска. Составен од неколку репрезентативни имиња, како Цветанка Димова, Сања Адамовска, Катерина Поп Димитровска, Елена Тасевска, дополнително засилен со Ивана Кметовска.

Но и простор плус за евентуален ангажман на странски засилувања, кои на актуелниот првак ќе му донесат и уште посилна димензија во обидите да го одбрани трофејот.

Извесно е дека во овој момент, во екипи кои важат за конкурентни се онаа на Вардар, во која како дополнение на минатогодишната, тренерот Александар Ашаданов го има двоецот од Бадел 1862, Марија Димитријевиќ и Кетлин Матие.

Но „во игра“ за водечките позиции дефинитивно е и новокомпонираниот Куманово Гризли. „Спој“ на два клуба во еден во кој се додадени и три странски имиња како Снежана Алексиќ, Џејмн Џонсон и Камб Џане.

Извесно, не смее да „се заборави“ на екипата на Бадел 1862, макар што и во оваа сезона, во нашиот најтрофеен женски колектив одново ќе се потпрат на млади и талентирани јуниорки, а меѓу нив, најискусна ќе биде Теа Митрева, која играњето во МЗТ Скопје го замени да биде дел од „баделки“.

Непознати се вистинските квалитети на останатите четири екипи…

Извесно Крива Паланка и натаму смета на лидерот Михаела Алексовска, но и на веќе, условно земено, искусни кошаркарки како Ксенија Петревска, Божица Стоевска, што дополнето со ангажман на некое странско име, повторно креира тим кој би можел да биде дури и во првата „четворка“.

Освојувачот на куп-пехарот, МЗТ Скопје Аеродром повторно почнува со уште помлад ростер, во кој како носители се поставени Марија Митева и Сара Петровска. Засилен со странски кошаркарки, како Кристел Томас, кои треба да бидат онаа вистинска „логистика“ за далеку понеискусните во тимот, кој ќе го предводи Вела Красниќ.

Осетно хендикепиран во новата сезона ќе биде составот на Струга 2009, во кој ќе нема некои стандардни играчи, а недостигот на вистински квалитет за прволигашки мечеви екипата на Пробаскет ќе се обиде да го надомести со ангажман на дури три странски кошаркарки.

Во Кавадарци ќе бидат Милица Јовановиќ, Јована Раденковиќ и Ламоника Денисе Платер, што го прави ростерот на Пробаскет доста пореспектабилен.

А првенството, многу поинтересно, со оглед на тоа дека нема изразити аутсајдери како во некои минати времиња, а може да се каже дека ниту Баскет Кам 2011 не е така, стонастотен фаворит за потврда на титулата.

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ

ДВОЈКИ 1. КОЛО

8.ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

14.00: МЗТ Скопје Аеродром – Крива Паланка

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

14.00: Пробаскет – Куманово Гризли

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

16.00: Струга 2009 – Баскет Кам 2011

Сала „Нико Нестор“ – Струга

9.ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК)

18.00: Вардар – Бадел 1862

Сала на КК„Вардар“ – Скопје

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *