Вашингтон ја очекува Македонија како 30 членка на НАТО

Палмер: Вашингтон ја очекува Македонија како 30. членка на НАТО

13 декември 2017 kamenica.mk

Црна Гора годинава стана 29-та членка на НАТО, но ќе имаме убава симетрија доколку можеме да и посакаме добредојде на Македонија како 30. држава членка на Алијансата во Подгорица следната година.

Ова денеска го изјави Метју Палмер, директор на Канцеларијата за Јужна и Централна Европа во Стејт Департментот во Вашингтон, по состанокот на Партнерската комисија на САД – Јадранската повелба, што се одржа во македонското МНР.

– Потенцијалното решавање на прашањето за името исто така ќе претставува поттик за регионалната стабилност и го поздравуваме обновувањето на разговорите меѓу Македонија и Грција, рече Палмер.

Прочитајте: СО РЕДИЦА МЕРКИ, ОПШТИНА МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА ЌЕ ЈА ПОДОБРУВА НАПЛАТАТА НА ЛОКАЛНИ ТАКСИ

Тој и честита на Македонија за одличното претседавање со Повелбата, истакнувајќи дека на Самитот во Подгорица беше испратена порака за американската поддршка на интегративните напори на регионот, која, како што најави, и натаму ќе продолжи.

– Целта да се заокружи интеграцијата во НАТО не значи само да се прослави членството на државата која претседава, туку и за која било друга држава која ги исполнува условите, истакна Палмер.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, истакна дека еден од последните делови што недостасуваше беше членството во НАТО на Црна Гора, што се случи во текот на македонското претседавање со Јадараската повелба.

– Ова е значаен чекор за стабилноста на Балканот, ние сме благодарни за обновениот интерес и во Вашингтон и во престолнините на европските држави и сметаме дека 2018 е година на нови можности, рече Димитров.

Тој истакна дека Македонија е подготвена да ги искористи и тие нови можности и изрази надеж дека Македонија ќе биде следниот дел што ќе се вклопи во целосната слика.

Црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ посочи дека на денешниот состанок се продолжени разговорите за стабилноста и безбедноста во регионот.

– Нема целосна и безбедна Европа без Балканот. Земјите од регионот повторно ја изразија својата заложба да придонесуваат кон регионалните и глобалните прашања, давајќи придонес кон иницијативите на НАТО, и да бидат дел од решенијата за проблемите во Европа и во светот, рече Дармановиќ.

Според него, реформите немаат алтернатива, и се гаранција за стабилноста, што било случај и со Црна Гора, која неодамна стана 29-та членка на Алијансата.

– Охрабрени сме од политичката волја, и потребните чекори кои македонската Влада ги презема за да ги оствари своите аспирации за членство во НАТО и ние сме подготвени да дадеме целосна поддршка на Македонија, од аспект како земја-членка на НАТО, додаде Дармановиќ.

Со овој министерски состанок се заокружува македонското претседавање со САД – Јадранската повелба и истото беше предадено на Црна Гора како претседавач со Повелбата за 2018 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *