Ќе се намалува старосната граница за пензионирање на рударите

Министерството за труд и социјална политика, преку Владата на Македонија ќе предложи законски измени и дополнувања со кои ќе се намалува старосната граница за пензионирање на рударите. Оваа промена, денеска во Македонска Каменица, ја соопшти, минситерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на средба со рударите, менаџментот на рудникот Саса, дел од Синдикатите и градоначалникот на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова.

Посебна радост и огромно задоволство ми претставува што денес можам да кажам, дека со редица наши средби, разговори и активности успеавме полека, но сигурно да реализираме една идеја која потекна токму од нашата општинска организација. Идеја која се појави на работен состанок пред две години, а истата произлезе од искажувањата на работниците при нашите секојдневни средби со нив. Уште тогаш ја потенциравме потребата од измени во Законот за бенефициран стаж на работниците, особено на оние во рударскиот сектор  заради нивната тешка, макотрпна работа и изложеноста на постојан ризик и опасност по нивните животи и здравје. Посебно ги поздравувам заложбите на министерката Царовска и премиерот на Влада на Република Македонија, Зоран Заев кои темелно ги разгледаа можностите, но и потребите и реалните барања на работниците и согласно ветеното во програмата за работа конечно ќе бидат реализирани измените во Законот за бенефициран стаж на рударите. Се радувам што ние, како Локална самоуправа и јас како градоначалник на општина Македонска Каменица, заедно со раководствата на Синдикалните организации при Рудник САСА, успеавме конечно да се избориме за еден навистина подобар Закон кој ќе одговори на потребите на работниците и со кој ќе бидат уредени и опфатени барањата на истите. – изјави градоначалникот на Македонска Каменица, Соња Стаменкова.

Со предлог измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се овозможува на осигурениците кои работат на работни места на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење да им се намалува возраста за пензионирање пропорционално на времето поминато на работа со бенефициран стаж.

Министерката Царовска по завршувањето на работната средба изјави: „Согласно ветеното во програмата за работа,  Министерството за труд и социјална политика преку Владата на РМ изготви законско решение со кое рударите ќе можат да остварат право на старосна пензија и со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени„.
 Ова решение во моменетот се однесува само за рударите, но со него се создава можност истата формула за пропорционално намалување на возраста да се применува на сите работници кои работат на работни места со бенефициран стаж.
Министертсвото за труд и социјална политика ќе продолжи со ветените активности во делот на бенефицираниот стаж за што веќе е подготвена анализа со поддршка на Светска банка, а ќе се прави и ревизија на сите работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено тарење.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *