Јелена Антиќ се враќа во кошарката! Ќе биде тренер и играч во Баскет Кам

По пауза од две години, една од најдобрите македонски кошаркарки, Јелена Антиќ, се враќа на терените како играч.

Од денеска, таа е нов член на актуелниот освојувач на двојната круна во македонската кошарка, Баскет КАМ каде што ќе има тројна улога. Освен играч, ќе биде помошен тренер во првиот тим и главен тренер на младинската екипа.

„Многу ми е мило што конечно најдов решение за мојот проблем со повредата и рехабилитацијата во Холандија тече одлично. Имав желба да играм уште некоја сезона, а не да ја завршам кариерата поради повреда.

Понудата од Баскет КАМ ја добив пред извесен период, но ми требаа денови да размислам и да разговарам со моите менаџери. Со оглед на ситуацијата, прво од причина што подолго време не играв, а потоа и од ситуацијата со ковидот, решив дека не е лоша идеја да настапувам за македонски клуб. Од Баскет КАМ добив добри услови, луѓето се мошне коректни и одлучив дека тоа е одлично место за продолжување на кариерата“, изјави Антиќ за кош.мк.

Враќањето на теренот како кошаркарка нема да биде веднаш, туку во декември, со оглед на тоа што и е потребно време комплетно да се рехабилитира и да се врати во посакуваната форма. За кариерата на Антиќ не е потребно да се трошат зборови. Играше за српски Партизан и Радивоје Кораќ, Макаби во Израел, Алба во Романија, Лулеа во Шведска, Висла во Полска и Ле Мура во Италија.

Во меѓувреме почна тренерска кариера, го водеше ЖКК Вардар, како и јуниорската репрезентација на Македонија со која забележа одлични резултати на неодамнешниот ФИБА Челинџер во Софија. Требаше да биде дел и од FECC семинарот на ФИБА што се одржа во Скопје, заедно со Владимир Мирковски, но токму поради желбата да и се врати на кошарката како играч, одлучи да се повлече.

Претстојната сезона Баскет КАМ ќе дебитира во ВАБА лигата, но во првата полусезона ќе биде без Антиќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *