7 септември 2017
Успех на референдумот за независност, надеж за подобро утре, но и сомнеж дали Република Македонија ќе може да продолжи сама без да биде во рамките на СФРЈ, е впечатокот што се добива кога ќе се прелистаат весниците ден пред одржување на референдумот на 8 септември 1991 година.
Во моменти кога беснееше воениот виор низ просторите на поранешна СФРЈ, Македонците одлучија да се одделат од поранешните републики и сами да продолжат да ја градат независна, суверена и самостојна Република Македонија. На референдумот одржан на 8 септември, 95, 26 проценти рекоа „за“ независна Македонија.
Глигоров: Не верувам дека кој било народ би гласал против сопствената држава,
Дневниот весник „Вечер“ на 7 септември објавува ексклузивно интервју со првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, со наслов „ Отворена вратата за Европа“.
На прашањето на уредникот на „Вечер“, Манчо Митевски, дали референдумот, кој го нарекува трет Илинден, ќе стави печат врз македонската државност, Глигоров вели:
– Под трет Илиндин, јас, пред сѐ подразбирам континуитет, борба за македонската државност. Тоа е, всушност, нераскинлива врска со сѐ што е за нас голем историски настан и со првиот и со вториот Илинден, како чин со кој се удрени темелите на македонската држава. Континуитетот е непобитен од Крушевскиот манифест преку Нароноослободителната борба и нашето активно учество во антифашистичката војна во која создадовме сопствена војска и спечаливме легитимитет дека сами се ослободивме, сѐ до правниот акт усвоен од претставниците од сите краишта на Македонија на Заседанието на АСНОМ- Декларацијата…Референдумот ќе биде одговор на сите оние т.е. забелешки или осврнувања дека „АСНОМ бил во воени услови“, дека „народот не го потврдил“, па сѐ дотаму дека македонската нација е „коминтерновска творба“…Затоа е битно, народот да го потврди сето она што во континуитет досега, со својата борба го остваруваше заедно со другите националности кои живеат во Македонија, вели Глигоров, додавајќи дека, со осамостојувањето се создаваат услови Македонија да го добие и меѓународно признание.
Првиот претседател Глигоров прашан дали очекува референдумот да успее, вели:
-Јас лично не се сомневам дека тој резултат ќе биде импресивен, но не би сакал сега да спомнувам проценти. Не верувам дека било кој народ би гласал против сопствената држава, а особено против вековниот сопствен стремеж еднаш засекогаш да го реши прашањето за суверена самостојна држава. Но, се разбира, мора да се земат предвид настаните во Југолславија, а посебно сите можни обиди и шпекулации да се влијае врз тој резултат, потенцира Глиголров.
Дел од интервјуто на Глигоров, објавено во дневниот весник „Вечер“, пренесува и весникот „Нова Македонија“.
Според анкетите, граѓаните се „за“
Двата медиума објавуваат анкети според кои расположението на граѓаните е „за“ самостојна Македонија и со можност за стапување во сојуз на суверени републики.
Дека сакат да живеат во своја држава, Македонците потврдија на 8 Септември.
На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.807 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85%, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,26% (односно 72,16% од вкупниот број на граѓани со право на глас).
Резултатите само по себе говорат за успешноста на Референдумот. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатираше масовноста на граѓаните со право на глас во Република Македонија кои се изјасниле „за” самостојна и суверена Македонија.
Масовен беше одзивот и на Македонците во дијаспората, во САД, Канада и во Австралија каде што гласањето беше извршено предвреме, а на повеќе места е констатирано дека сите гласачи се изјасниле позитивно.
Единствена црна точка на денот на референдумот беше неизлегувањето на гласање на Албанците.
Како и да е, Македонија слави 26 години од својата самостојност. А, насловот на „Вечер“, кој на 7 септември, „Отворена вратата на Европа“, како да е напишан деновиве. Европската врата сѐ уште е отворена за Македонија, но под услов да се реши грчко македонскиот спор за името, кој го забави чекорењето на државата кон стратешките цели- влез во ЕУ и влез во НАТО.
Ирена Радовановиќ