Швајцарците пушат легален канабис во рекордни количини

Швајцарците пушат легален канабис во рекордни количини

Швајцарскиот бум во легалниот канабис со ниско ниво на ТХЦ не покажува знаци на намалување и носи многу даночен профит за владата, покажуваат новите податоци, пренесува „Локал“.

Од 2011 година, продажбата на производи од канабис што содржат до 1 отсто тетрахидроканабинол (TХЦ) е легална во Швајцарија. Овие легални производи нема да ве „напушат“, но се покажаа многу популарни, особено во последниве години.

Даночните приходи од легалниот канабис, како алтернатива на тутунот, минатата година достигнаа 15,1 милиони франци (13,5 милиони евра), од само 400.000 три години претходно, соопшти Федералниот завод за јавно здравство (ФОПХ) за швајцарскиот неделник  „Зонтангс цајтунг“.

Повеќето корисници на производите се млади, покажува истражувањето на „Адикшн Свицерланд“. Испитаниците ги навеле придобивките од нивната активна компонента канабидиол (ЦБД), велејќи дека таа им помага со проблеми со спиењето и стресот, истовремено промовирајќи благосостојба.

Поборниците исто така велат дека ЦБД е антидепресивна и антивоспалителна, покрај тоа што е добра за борба против болката. Но, критичарите предупредуваат дека кога овие производи со ниско ниво на ТХЦ се мешаат со тутунот, можат да доведат до зависност од никотин и да резултираат со здравствени ризици, вклучувајќи го и ракот.

Во 2013 година, Швајцарија го декриминализираше поседувањето мали количини канабис. Наместо да се соочуваат со кривични постапки, возрасните лица што поседуваат 10 грама или помалку марихуана можат да добијат парична казна од 100 франци.

Во меѓувреме, иднината на Законот за канабис останува нејасна. Во февруари, швајцарската влада излезе со поддршка за научните испитувања за влијанието на употребата на канабисот врз здравјето и безбедноста на луѓето. Според плановите, илјадници луѓе би можеле “легално” да примаат мала количина канабис секој месец, вклучувајќи ги производите што се јадат во тие испитувања.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *