Убавините на Македонска Каменица: Осоговски планини

Осоговските Планини се втора по површина (1100 километри квадратни), а девета по височина (2252 м) планина во Република Македонија. Се одликува со долги, заоблени планински била и врвови меѓу кои се длабоко всечени речни долини.

Неколку врвови се повисоки од 2000 метри, како: Руен (2252 м), Мал Руен (2205 м), Царев Врв (2085 м) и други. На највисоките делови од планината има интересни релјефни појави кои се создале главно во плеистоценото време како резултат на ниските температури и покриеноста со снег во зимската половина од годината. Тоа се снежнички циркови, мориња од распаднати карпи, камени блокови што се лизгаат, мразни јазици и други. Во западниот, кратовски дел од планината, врвовите се пониски, но поостри, бидејќи настанале со некогашен вулканизам на овие простори.

Климата на Осоговските Планини е типично планинска, но релативно пријатна без големи екстреми. Поради височината, сончевото зрачење е интензивно и долготрајно, а воздухот чист, богат со кислород и свеж. Количеството на врнежи овде е поголемо од соседните ниски области, а одејќи во височина се зголемува учеството на снежни врнежи кои во највисоките делови може да се задржат и до 6 месеци (од декември до мај). На Осоговските Планини има многу извори со студена и чиста вода, како и доста потоци, рекички и реки. Во летниот период, има бујна тревна вегетација, меѓу кои и лековити билки, боровинки и сл., а во пониските делови пространи букови, дабови шуми и разни видови на пеќурки. Животинскиот свет е исто така разновиден со ситен и крупен дивеч, птици, влечуги и др. Планината административно припаѓа дури на 9 општини и тоа (според површината): Кочани, Крива Паланка, Кратово, Каменица, Проби­штип, Ранковце, Чешиново-Облешево, Делчево и Виница. Сообраќајно, Осогово е меѓу најпристапните високи планини во Македонија.  

Поради прекрасните природни убавини (релјеф, клима, вода, растителен и животински свет), архаичните селски и карактеристичните градски населби, како и богатите културно-историски вредности, Осоговските Планини имаат голем туристички потенцијал. Планината е погодна за рекреативно планинарење, набљудување, фотографирање, планински велосипедизам, џип-сафари по бројните планински патишта, параглајдинг, потоа зимско-спортски туризам во високите делови и селски туризам во пониските подрачја.
Покрај останатите бројни интересни локалитети, особено внимание и атрактивност имаат локалитетите Калин Камен, Царев Врв и Руен, кои се протегаат главно над 1800 м надморска височина.

Калин Камен, Царев Врв и Руен, претставуваат туристичка целина и се надополнуваат меѓусебно. Бидејќи се наоѓаат во најатрактивниот, централен и висок дел на Осоговските Планини, истите се меѓу најзначајните туристички потенцијали на планината. За нив постои голем интерес за посета во текот на целата година, а со оглед на пространоста имаат голем прифатен капацитет. Воедно, Поради недостаток на сместувачки капацитети и туристичка неопременост, за сега овие локалитети се користат само за кратки излетнички посети главно од локалното население.

Автор: д-р Ивица Милевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *