Тежок натпревар за КК„Баскет Кам“ (М-12) против КК„Водњански Лисици“ од Скопје. Средбата искористена и за целодневна дружба на најмладите кошаркари

25.02.2018 kamenica.mk

КК Баскет Кам во М-12 категоријата за млади кошаркари, денес во Македонска Каменица денес одигра интересен и тежок натпревар против екипата на КК Водњански Лисици од Скопје. Натпреварот заврши со предност за поискусната гостинска екипа (27:40), која покажа поголема воиграност на теренот и умешност да го задржи водството стекнато уште во првата четвртина. Играта и желбата за победа на теренот беше изедначена и на двете страни, со повремени резултатски осцилации и кај двете екипи.

Со огромно задоволство на младите кошаркари, оваа денешната средба на дечињата од нашиот град со нивните врсници од Скопје беше искористена и за нивна целодневна дружба, која продолжи и по завршувањето на натпреварот. Сепак, потребата на гостите од Скопје да патуваат назад кон дома на денешните лоши и тешки временски услови, придонесе дел од останатите заеднички планирани активности за нивно дружење, како и прошетка низ Македонска Каменица во попладневните часови, да бидат откажани за во некоја од наредните средби.

Како што знаеме, КК Баскет Кам од Македонска Каменица од оваа сезона започна да се натпреварува и во М-12 категорија во машка конкуренција, што значи дека резултатите и успесите од ова лигашко натпреварување, на овие млади кошаркари допрва треба да ги очекуваме. Тие со натпреварувањето во оваа лига ќе бидат побогати со искуство кое ќе им биде од огромна полза при настапувањето во некоја од повозрасните категории. Тоа е само една од стратегиите за развој на школата за млади кошаркари која ја негува КК Баскет Кам од Македонска Каменица во изминатите години и која константно вродува со плод, ако се земат во обзир неколкуте репрезентативни имиња што произлегоа од оваа малдинска кошаркарска школа од нашиот град.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *