Сторија на fakulteti.mk за нашиот сограѓанин Ванчо Стојановски кој живее и работи во Ливињо, Италија

Нашиот сограѓанин Ванчо Стојан веќе 17 години живее во прекрасното местенце и работи како шеф во врвен ресторан на 2.700 метри надморска височина, а пред неколку години станал и сомелиер.

Замислете дека сте на прекрасните Алпи, во мало италијанско гратче во близина на Швајцарија, во некое топло местенце опкружени со луѓе што ги сакаат зиматa, скијањето, белината, чистиот воздух. И тамам кога размислувате дали ќе се разберете со Италијанците (зашто малку тешко им оди со англискиот), некој ви се обраќа на вашиот мајчин јазик и ве прашува: „Вие, од Македонија сте?“

И ајде, ќе си речете, тоа е само на едно место, така се погодило, Македонци има насекаде. Но, кога и во следниот локал или ресторан ќе ве пречекаат на македонскиот јазик, тогаш работата станува интересна.

Ливињо е гратче на 1.816 метри надморска височина. Местото е мека за шопинг на речиси стотици спортски и други брендови, а е особено примамливо затоа што е безданочна зона.
 
Има околу 6.500 жители, од кои повеќе од 200 се од Македонија. Се занимаваат најмногу со угостителство, градежништво, трговија и главно доаѓаат од Македонска Каменица, Делчево, Кратово. Зиме градот е мека за ски-љубителите, напролет и налето е провокација за велосипедисти, атлетичари и сите љубители на аутдор-спортовите.
Во прекрасен ресторан на надморска височина од 2.700 метри со незаборавен поглед го запознавме Ванчо Стојановски од Македонска Каменица. Тој веќе 18 години живее во Ливињо заедно со своето семејство, сопругата Родна и ќерките Клементина (24) и Тијана (16). Тој е шеф во ресторанот „Рифуџо Костача“, кој се наоѓа блиску до највисокиот врв на Алпите во ова гратче. Не само што е одговорен за ресторанот, туку е и дегустатор на вина.
Ванчо Стојановски е шеф во ресторан на врвот на Ливињо

Италијански пасош

Во Ливињо е од 2001 година. Вели дека кризата во тие години во Македонија го мотивирала да побара подобар живот. Со угостителство се занимавал и во родната Каменица.

– Дојдов пред 17 години, со помош на мој пријател кој веќе живееше овде. Една и пол година бев без документи, сам, а семејството ми остана во Македонија. Но, му оставив добар впечаток на сопственикот на ресторанот кај што работев и тој ми помогна да средиме за документи. Денес, освен македонскиот, имам и италијански пасош. Така ја доведов и мојата фамилија овде – објаснува Стојановски, кој додава дека на почетокот не знаел речиси ништо на италијански, но го научил многу брзо зашто се дружел со Италијанци.

Неговите деца зборуваат и македонски и италијански јазик. И двете имаат завршено училишта за туризам во Мерано и во Болцано.

-Јас не им наметнав струка, самото место го нуди тоа, а и тие ја сакаат оваа дејност. Знаат странски јазици, посветено учат, изборот е нивен – вели Стојановски.

Стан од 50 квадратни метри за 500.000 евра

Сомелиерот од Македонска Каменица ни раскажа дека не изостануваат дружењата меѓу Македонците, за празници, но и без поголеми поводи.

-Налето и наесен ја посетувам Македонија. Многу ми е жал кога ќе видам дека во Македонска Каменица речиси нема млади, само пензионери. Во последните години повеќе луѓе се обидуваат да дојдат во Ливињо, ама потешко оди. Работа се наоѓа, ама за стан е тешко. Станови има, но се чуваат за туристи и тоа е проблемот.

Јас сум овде 17 години. Плаќам кирија. Прескапо е, а и не даваат баш на странци. Овде да купите стан од 50 квадратни метри чини 500.000 евра. Квадратен метар е од 8 до 10 илјади евра. Кирија плаќаме по 1.000 евра – објаснува Стојановски.

За 18 години тој сменил само две работни места. Вели дека немал никаков проблем да биде прифатен уште кога дошол.

-Јас чувствувам како да сум овде роден и како да сме сто години овде – вели тој.

Вината се негова страст и затоа одлучил пред неколку години да се посвети на дегустација на вината.

-Завршив три курса за сомелиерство овде, во Ливињо. Ја сакам културата на виното. Ја искористив можноста да промовирам и македонски вина. На луѓето што го организираа курсот им донесов од македонските вина „бела вода“ и „барово“ на „Тиквеш“ и тие беа одушевени – вели тој.

Ми недостига воздухот на Каменица

Во слободно време Ливињо нуди многу услови за спорт. Налето се вози велосипед на убави патеки, но и со маунтин бајк. Ванчо вели дека многу често со велосипед оди на работа.

– Гратчето има и базен, има прекрасна природа. Многу национални тимови доаѓаат овде за да прават спортски подготовки, тренираат од цел свет – посочува тој.

Пред да се поздравиме, го прашавме дали има нешто што му недостига од родната земја.

-Ми недостигаат фамилијата, блиските, луѓето. Ми недостига воздухот на Македонска Каменица – признава Стојановски.

Линк до сторијата на fakulteti.mk тука

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *