СТОРИЈА: ЗА ДА СЕ ОДБРАНАТ ОД ВОЛЦИ, СО ПЕТАРДИ В РАЦЕ ОДАТ ПЕШ НА УЧИЛИШТЕ И ПО ШЕСТ КИЛОМЕТРИ

Четиринаесет основци од кумановското село Бајловце учат во никакви услови, немаат чиста вода за пиење, тоалет, ниту надгледни средства за нормална настава. Факултети.мк го посети училиштето и помина еден ден со учениците и нивните наставници.

 

Бисера и Мила пешачат по шест километри преку ридот до дома

Бисера и Мила секој ден стануваат во шест наутро, се облекуваат, ги ставаат ранчињата на грб и излегуваат од дома. Навидум сосема обична слика за ученици што одат на училиште. Но Бисера и Мила и уште десетина деца од неколку села од Општина Старо Нагоричане во зима мора да се „опремат“ и со петарди, и понекое стапче во малите смрзнати рачиња за да се одбранат од волци. Низ планинските ридови, на непрооден терен, пешачат и по три километри во еден правец, додека да стигнат до локалниот пат. Оттаму е полесно, се качуваат во комбето кое ги носи до кумановското село Бајловце. Кога ќе завршат со настава, повторно ги чека истиот пат до дома.

Водата е луксуз за децата од Бајловце


Автомобил не врви до нивните домови

Лето или зима, пеколно жешко или смрзнувачка, овие дечиња за да стигнат на настава мора да пешачат и по шест километри на ден. Братче и сестричка од Аљинце мора да преминат и река за да стигнат до асфалтираниот пат.
– Скокаме на камчиња низ реката, не е голема – велат тие.
Нивните соученици доаѓаат и од Канарево, Жељувино, Облавце.
– Лани им текна да носат петарди за да се одбранат од волци. За среќа, досега не се случило нешто сериозно. Овие дечиња се мали херои – вели одделенската наставничка Љубица Симоновска, која 35 години работи во ова селско училиште.

Малиот Давид од Канарево храбро вели дека воопшто не му е тешко да оди на училиште.
– Во зима студи, потешко е кога ќе падне снег, но не ми пречи – вели тој.

Во време кога сите се мислиме дали да го однесеме своето дете на училиште кога роси, а школото не е оддалечено ни 500 метри, се прашуваме, како е можно мали дечиња во 21 век во Македонија да пешачат со километри секој ден и во олку сурови услови?
Ги прашуваме сите присутни во училницата. Нам не ни е јасно, но ним им е секојдневие. Едноставно автомобил не врви до нивните домови, вели учителката Љубица.

– Таков е теренот. Селата се раштркани, една куќа на еден рид, друга на друг. Поделени се на маала. Пат до нивните домови нема. Затоа секое од нив пеш оди до локалниот пат, од каде што ги зема комбето или теренско возило. Нема друг избор. Зиме првачињата ги испраќаат некои од родителите, но сепак веќе од второ доаѓаат сами. Навикнати се веќе – вели Симоновска.

Таа се сеќава дека пред десетина и повеќе години, кога зимата знаела да биде многу сурова и имало и по неколку метри снег, наставниците преспивале во селото. Некои во училиштето, некои во куќите на жителите.
– Последниве години сме немале такви ситуации – вели таа.

Тоалетите во дворот на училиштето


Нема чиста вода за пиење, интернетот е луксуз

Покрај тешкотиите да стигнат дотаму, 14 ученици од шест села што учат во „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бајловце немаат ниту чиста вода за пиење. Раце мијат од пластична канта, користат полско веце, небаре живеат во среден век. Вода за пиење добиваат од донации, а купуваат и наставниците и родителите. Тука и тетратките, лектирите, боичките и атласите се луксуз. Ако некој им донира, ќе имаат. Немаат телевизор, ниту пак интернет, кои им се неопходни за современата настава во 21 век.

– Неопходно ни е да добиеме интернет бидејќи ИКТ-наставата го бара тоа. Имаме три компјутери, но немаме интернет-врска. Е-дневник пополнуваме дома. Да бидеме реални, пишуваме дека држиме настава согласно програмата, но како да предаваме така кога немаме услови. Ја запишуваме, а не ја предаваме – вели Мирјана Томиќ, одделенска наставничка.

Во малата наставничка просторија, во која неколку од наставниците го поминале работниот век, дел од нив ги отворија срцата и раскажаа дека со тешки маки се обидуваат да држат нормална настава која ја заслужува секое дете.
– Немаме географски карти, немаме атласи, децата немаат тетратки, лектири, прибор за цртање. Ако некој ни донира, ќе имаат. Сите доаѓаат од социјалнно загрозени семејства. На некои родители поважно им е да купат пиво отколку тетратка за детето. Тоа е реалноста – вели наставничката Симоновска.
Таа предава комбинирана настава. Во иста училница учат првачето Мила, вторачињата Никола и Бисера, Анастасија, која е трето, и четвртоодделенците Давид и Мери. Петар е петто одделение и учи сам, со неговата наставничка Томиќ. Останатите ученици учат во предметна настава.

Во една училница заедно учат од прво до петто


Пред триесет години имало 230 ученици, сега само 14

Училиштето е реновирано пред десетина години, условите во училниците не се лоши, но сепак потребно е уште многу да се направи за учениците и наставниците да имаат нормални услови за работа. Подовите на ходниците во еден дел од училиштето се со стари штици, а внатрешните ѕидови се камени. Исто е како од времето кога било изградено. Училиштето е огромна голема зграда, која за жал сега зјае полупразна. Се користи само еден дел. Пред триесетина години во ова училиште имало 230 ученици, сега само 14.

Хол на училиштето

Учителката Симоновска е сведок на неговото замирање.
– Тешко беше да се гледа како умира ова училиште, го снемуваше бавно и болно. Една генерација си оди, другата што доаѓа – преполовена. И така, година по година, дојдовме до ова. Причина е иселувањето, селата ги снемува, а со тоа и детскиот џагор. За некоја година не знам дали ќе има деца. Овде се тешки условите за живот. Родителите се главно со основно образование. Или се иселуваат во градот или во странство – вели таа.

Светла точка во ова училиште е наставниот кадар, кој на некои од децата им се и мајка и татко. На шега велат дека се како мало семејство. Ние воопшто не го сфативме тоа како шега, тие се навистина како фамилија која негува вистински вредности. Токму тие им ја всадуваат желбата за учење уште кога првпат ќе стапнат во училиштето.

Наставникот по физичко образование, Никола Конески, посочува дека децата што растат и учат во вакви средини ретко го продолжуваат образованието.
– Да не се сфати дека ние, наставниците, се жалиме. Овде работат најсилните луѓе. За мене, секое дете е најважно, без разлика каде ќе се роди. Децата што живеат во вакви краеви имаат посебен менталитет. Сѐ влијае врз развојот на едно дете. Децата од вакви рурални средини тешко комуницираат сами со себе, а не пак со околината. Кога ќе одат во град, тие немаат доволно интерес да му се посветат на учењето. Постои една барикада и не се одушевени да продолжат со учење. Сум влегол во многу нивни домови каде што ретко можете и книга да видите – вели тој.

На училиштето му се потребни донации

 

Симоновска е сведок за замирањето на некогаш големото училиште

Наставничката Симоновска објаснува дека родителите на дечињата главно се занимаваат со сточарство и земјоделство, а и дечињата многу работат низ полињата.
– Децата се трудат колку што можат, но дома не добиваат многу внимание околу учењето. Тие и дома им помагаат на своите родители. Некои немаат ниту телевизија – додава Симоновска.

Најстарата наставничка од ова училиште ни призна дека не е лесно да се предава комбинирана настава. Таа за секој ден подготвува од 20 до 24 часа.
– Кога се воведе „Кембриџ“, наидовме на тешкотии. Нашите деца не се подготвени за оваа настава зашто не одат во градинка, немаат предзнаење за таа програма, некои не се ниту социјализирани.

Наставниците со децении работат во вакви услови. Тие не ги штедат пофалните зборови за децата што се трудат повеќе.
– Викторија ни е највредна од сите деца, сите наставници ја фалат и сака да ги прочита сите книги во нашиот кабинет – вели наставничката Томиќ.
Викторија сѐ уште не знае каде ќе продолжи со образование.

Викторија со наставничката Томиќ

– Сакам да учам, убаво ми е на училиште, би сакала да завршам факултет – вели таа.
Малиот Давид, пак, се надоврзува дека сака да учи музичко, а првачето Мила – македонски јазик. Таа без грешка ни ја изрецитира песничката „Прваче“.

Овие наставници сами си го плаќаат и превозот до училиштето. Кога децата треба да одат до некаде, на пример, театарска претстава, дури и да е во матичното училиште, не можат да одат. Превозникот тоа ќе им го наплати, а Општината не го покрива трошокот.
Децата нѐ испратија насмеани, со надеж дека на следното видување ќе добијат нови тетратки, боички и, најважно, вода за пиење.

Бидејќи учениците имаат потреба од многу надгледни средства, вода за пиење, интернет, телевизор, потребни се донации. Факултети.мк од наставниците доби список со најнеопходните нешта, кој ќе го доставиме до неколку општествено одговорни компании од кои ќе побараме донација.
Извор: Факултети.Мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *