Скопје: Среде операција и гореше стомакот на пациентка. Надлежните решиле да го кријат случајот

Шеесет и деветгодишната скопјанка С.В. од Скопје доживеала хорор на скопската Клиника за Дигестивна хирургија откако пред два месеци за време на операција на жолчка и избил пожар во стомакот.

Целиот настан се случил при средината на декември кога пациентката била примена на клиниката да оперира жолчка преку познатата лапароскопска хирургија, која се разликува многу од класичната операција и е поповолна за пациентот, затоа што го скратува времето на заздравување и го задржува естетскиот лик на делот од телото, врз кој се интервенира. Операцијата е позната по тоа што хирургот не прави вообичаен рез, туку преку два мали отвори влегува со сонда и камера за да го изведе оперативниот зафат, кој се набљудува на екран. Операцијата трае од половина час до два часа, во зависност од тоа за каква компликација се работи. Пациентот е под целосна анестезија, а по извршувањето на интервенцијата, на клиниката е хоспитализиран само еден ден и веднаш потоа се пушта на домашно лекување.

Нашите извори тврдат, дека за време на операцијата се пумпа медицински гас во стомакот за да се прошири стомачната празнина, за да може хирургот полесно да работи. Но, проблемот настанал кога наместо потребниот јаглероден диоксид, металната боца по грешка била полна со килород, што довело до предизвикување на пожарот во нејзиниот стомак.

„Фокус“ го контактираше хирургот што ја извел операцијата, кој и е доста познат на јавноста за да ни објасни што точно се случувало за време на операцијата. Тој го потврди случајот, но додаде дека навреме реагирале и било спречено да дојде до поголема трагедија.

Директорот на Абдоменалната клиника, Александар Караѓозов упорно молчи за случајот, а молчат и од министерството за здравство, кои по испратениот маил прашале што се случувало тој ден во декември, но првиот човек на клиниката не бил расположен да зборува на темата.

Со овој скандал не биле запознаени ниту јавната установа „Заеднички служби“, кои се главен посредник меѓу клиниките и фирмите за доставување на металните боци со медицински гас.

Нашите извори тврдат дека има видео снимка од операцијата, што се чува во архивите на Клиниката за Дигестивна хирургија, со оглед на тоа што пред четири години мнинистерот за здравство Никола Тодоров донесе одлука сите лапароскопски и ендоскопски операции да се снимаат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *