Се расчистува теренот и се санираат штетите по невремето кое вчера ја погоди Македонска Каменица

Македонска Каменица 08.07.2018 година – Пороен дожд проследен со силен ветер и град вчера напладне ја зафати општина Македонска Каменица.  Врнежите кои траеа само дваесетина минути беа доволни да им создадат сериозни проблеми на жителите. Пријавени беа поголем број на оштетувања на патната инфраструктура во градското подрачје и на локалните патишта кон селските средини.

Во текот на вчерашниот ден, веднаш по невремето, екипи од Јавното комунално претпријатие и ТППЕ Македонска Каменица, излегоа на терен со крупна механизација и работеа на расчистување на поплавените места во градот и населените места. Акцијата за расчистување и санација на погодените места од силното невреме, продолжува и во текот на денешниот ден, при што мобилни екипи од вработени во ЈП „Камена Река“ и од ТППЕ Македонска Каменица се на терен.

Во село Саса (Јагодина река) како најкритично место зафатено од вчерашните поплави, на лице место беа присутни стручни лица за управување со кризи, како и претставници од Општината на чело со градоначалникот Соња Стаменкова. Тие до доцните ноќни часови, во соработка со екипи на ЕВН и Македонија Пат, директно беа вклучени во активности насочени кон спречување и настанување на штети од поголем размер.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *