Се повеќе стари и дизел автомобили на патиштата во Македонија

Македонците се повеќе возат стари и дизел автомобили

30 јули 2018 (МИА) – Во Македонија има над 400 илјади регистрирани автомобили со просечна старост од 18,7 години. Од нив над 80 отсто се постари од десет години, а речиси половината користат дизелски погон.

Според податоците на Еуростат, во Македонија на 1.000 жители има 190 возила, што е далеку под просекот во ЕУ што изнесува 505 возила на 1.000 жители.

Истовремено, Македонија во 2016 година има вкупно 259 километри автопат и 14.167 километри други патишта. За споредба Словенија со 531 возило на 1.000 жители и со речиси иста територија како нашата држава, во 2016 година има вкупно 773 километри автопати.

Се повеќе стари и дизел автомобили на патиштата во Македонија

Вкупно регистрирани патни моторни и приклучни превозни средства во 2017 година во Македонија се 474.516, од кои 403.316 се автомобили, покажуваат податоците од МАКСтат.

Тоа е зголемување од над 8.000 возила во однос на минатата година, каде во 2016 година вкупно регистрирни возила се 461.799, од кои 394.934 се автомобили.

сообраќај скопје     .jpg

Податоците од МАКСтат базата покажуваат дека просечната старост на патните моторни возила во Македонија е зголемена од 18,4 години во 2016 на 18,7 години во 2017 година, додека во истиот период и бројот на автомобили е зголемен за осум илјади од 395 илјади во 2016 на 403 илјади во 2017 година.

Најголем дел од автомобилите 84,1 процент се постари од десет години, што во однос на 2016 година е зголемување од околу два проценти од 81,8 отсто. Вкупниот број на автомобили до 5 години изнесува десет илјади или 2,5 проценти од вкупниот број возила и во 2016 и во 2017 година.

Според податоците од МАКСтат базата, во 2003 година бројот на патнички автомобили изнесува 300 илјади со просечна старост од 15,9 години, додека постари од десет години се 67,7 проценти од возилата. Една година пред да биде дозволен увозот на половина моторни возила од странство, во 2009 година вкупниот број на патнички автомобили во Македонија изнесува 282 илјади, со просечна старот од 15,7 години, додека 68,2 отсто од возилата биле постари од десет години. Во 2010 година, кога во март беше дозволен увозот на половни возила, вкупната бројка на возила достигнува 310 илјади, со просечна старост од 16,3 години, додека 71,6 отсто од возилата биле постари од десет години. Во следните години овие бројки само се зголемуваат, па во 2013 година бројот на возила е зголемен и изнесува 347 илјади со просечна старост од 17,2 години и 75,2 процени од возилата биле постари од десет години.

автомобили увоз

Забележително е дека со растот на бројот на возила во Македонија и дозволениот увоз на половни се менува и процентот на застапеност на дизел возила во однос на бензинските. Така во 2012 година од вкупно 301 илјада автомобили на дизел биле помалку од една третина или 92.799 автомобили. Таа бројка е во постојан раст, и во 2016 година во Македонија има вкупно 192.816 дизел автомобили, што е речиси половина од вкупниот број автомобили и се изедначува со бројот на бензински возила, што изнесува 197.880 возила. Во истиот период, бројот на бензински автомобили е речиси стабилен, со тоа што има минимално зголемување на бројот на автомобили што користат бензин и гас, односно од 9.501 возило во 2012 година, на вкупно 11.445 возила во 2016 година. Бројот на електрични возила иако незначителен е намален во овој период, па така од 41 електрично возило во 2012 година, во 2016 година има 37 електрично возила во Македонија.

Македонците се помалку купуваат нови возила

Бројот на нови моторни возила, односно гледано по прва регистрација се намалува, па така во 2017 година бројот на патнички автомобили со прва регистрација изнесува 26.609 возила, што споредено со 2016 година е намалување за околу четири илјади, кога биле регистрирани 30.423 нови возила.

АВТОМОБИЛИ ПРОИЗВОДСТВО.jpg

Податоците на Народната банка на Македонија за кредитирањето во Македонија во јули годинава покажуваат  продолжување на надолниот тренд кај автомобилските кредити. На месечно ниво се одобрени за 0,9 проценти помалку кредити за автомобили, а на годишнбо ниво за 10,8 проценти.

Најнови возила во ЕУ се возат во Белгија, најстари во Бугарија и Полска

Најнови автомобили во Европската унија возат Белгијците, со просечна старост од седум години. Следни се жителите на Данска, Велија Британија и Германија со возен парк стар осум години, потоа Франција и Италија со просечна старост на возилата од девет години.

Според податоците во Бугарија над 50 проценти од возниот парк е на старост од 20 години, потоа следи Полска каде речиси 40 проценти од автомобилите се постари од 20 години и Латвија, Литванија и Романија со над една третина од возниот парк постар од 20 години.

Најмногу автомобили по глава на жител има Луксембург со 662 автомобили на 1.000 жители, а најмалку во Романија со 260 автомобили на 1.000 жители.

атина сообраќај

Над половината од возилата, 56 проценти во ЕУ се со бензински мотори, околу 40 отсто се со дизел мотори, додека само четири проценти користат алтернативни горива или електрична енергија.

Минатата година во ЕУ се продадени вкупно над 800 илјади автомобили со алтернативен погон. Регистрацијата на вакви возила е двојно зголемен во Шпанија и Германија со раст од 90 проценти, потоа следат Велика Британија и Франција со раст од 48 отсто и Италија со 33 проценти.

Според податоците на Асоцијацијата на производители на автомобили (АСЕА) во ЕУ годишно се произведуваат околу 26 милиони автомобили, што ја прави најголем производител во светот, пред САД и Кина. Околу 30 проценти од произведените автомобили во ЕУ се извезуваат во САД, каде вредноста минатата година изнесува 37 милијарди евра. Следи Кина со 22 милијарди евра, Јапонија со осум милијарди евра и Швајцарија со седум милијарди евра извезени автомобили од ЕУ.

Околу 12 милиони луѓе во ЕУ или 5,7 проценти од работоспособното население равоти во секторот за производство на автомобили. Автоиндустријата генерира околу 400 милијарди евра во ЕУ и трговски вишок од околу 90 милијарди евра за ЕУ, покажуваат податоците на АСЕА.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *