Се креира визија за Осогово како идно заштитено подрачје

Во Туристичкиот инфоцентар „Пониква“, денеска се одржа работилница „Креирање визија за Осогово – идно заштитено подрачје” во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).

Целта на работилницата е да се информираат локалното население и засегнатите страни за активностите поврзани со процесот за прогласување на Осогово како идно заштитено подрачје и да се вклучат во креирањето заедничка визија за Осоговскиот регион.

– Програмата за зачувување на природата во Македонија не ги гледа чисто конзервациските аспекти за зачувување на природата, туку е со пристап за одржливо искористување на природните ресурси и промоција на ваквиот начин на искористување во развој и поддршка на локалниот социоекономски развој на заедниците. Овој пристап поткрепен со пристапот „од долу – нагоре“ е водилка во сите компоненти на оваа програма, што конкретно значи слушање на нашите чинители, тоа се пред се, различните заедници од невладиниот сектор, бизнис-секторот и други чинители од државните институции чие вклучување од самиот старт е важно при креирањето на визијата за развој на овој регион, рече Марјана Шушлевска, тим лидер на Програмата за зачувување на природата во Македонија.

Градоначалникот на Кочани и претседател на Советот на Источниот плански регион, Николчо Илијев ја истакна поддршка во изнаоѓањето соодветни мерки за заштита на природата во овој регион којшто изобилува со биолошка разновидност и природни вредности, но и обезбедувањето развој на одржлив начин со придобивки за локалните заедници.

Работилницата се организира од Македонското еколошко друштво и Центарот за развој на Источниот плански регион, а учествуваа претставници од месното население и граѓанскиот сектор.

Работилница со ваква цел ќе се одржи и утре, во Крива Паланка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *