Се зголемува интересот за пчеларството во Македонска Каменица и регионот

Се зголемува интересот за пчеларството во Пијанец. Ако пред неколку години младите пчелари беа недоволно едуцирани сега ситуацијата, особено во регионот на Македонска Каменица е обратна. Како што вели пчеларот Младен Николовски од Здружението Еко Кам Мед, освен што сега многу повеќе се знае за пчеларството, се поголем е бројот на припаднички од понежниот пол кои се вклучуваат во процесот на одгледување пчели.
-Нашето здружение постои веќе две години. Почетоците беа интересни, затоа што имаше многу неедуцирани членови. Сега после две години имаме многу млади пчелари, сосема е друго и пчеларењето и се работи на посовремен начин. Веќе се знае и за размножувањето, за пресадување ларви со што слободно можам да кажам на повисок степен е подигната едуцираноста на младите пчелари. Можам да спомнам и дека жените се вклучени во пчеларството, а исто така се многу активни и во здружението, вели Николовски.
Оваа година за пчеларите од Македонска Каменица беше доста успешна. Минатата година медот речиси и да го немаше, оваа година како што информираат од пчеларското здружение „Еко Кам Мед”, е една од подобрите, а медот е и квалитетен бидејки условите го дозволуваат тоа.
-Ние сме втора генерација пчелари во Македонска Каменица и моментално работиме на два терена. Осоговието го покриваме цело и условите се фантастични. Годинава е многу подобро од лани, иако не е се според очекувањата, глобалното затоплување си го направи своето, но сме задоволни со работата што ја работиме. Нашиот мед е чист еколошки, затоа што цело подрачје е заштитено, така што квалитетот не е спорен, додава Николовски.
За да продолжи трендот на едуцирање на пчеларите од Пијанец, Здружението Еко Кам Мед во недела организира двочасовно предавање со тема за воведување нови методи на пчеларење во изменети агроеколошки услови. Предавач ќе биде претседателот на СПОС (Сојуз на пчеларски организации Србија), д-р. епидемиолог Родољуб Живадиновиќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *