Само во вториот квартал годинава наплатени дури 12 милиони евра од патарини

Од патарини наплатени 12 милиони евра во вториот квартал годинава

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во вториот квартал годинава наплати патарини во износ од 745.037.340 денари (12 милиони евра).

Наплатените средства се 20,99 проценти од вкупно планираниот приход по тој основ за годинава. Во споредба со истиот период од минатата година, приходот од патарини е поголем за 13,6 проценти, односно за 89.166.912 денари.

ЈПДП во рамки на иницијативата Отворен Балкан е една од институциите што треба да го спроведат заедничкиот проект за воспоставување еден уред за наплата на патарини во државава, во Србија и во Албанија.

Стартот на проектот беше најавен за крајот на септември годинава, но се уште е во подготовка.

-Проектот се уште е во фаза на прилагодување на системите, изработка на веб апликација и законски усогласувања, изјавија од ЈПДП за МИА.

Со проектот треба да се обезбеди побрз проток на возила кои со електронската наплата на патарина, односно со користење на микробрановите транспондери (ТАГ), без запирање ќе поминуваат на наплатните станици на земјите членки на Отворен Балкан. Користењето еден уред за плаќање на патарина во сите земји членки покрај побрз проток на сообраќај, ќе значи и помало загадување, помала потрошувачка на гориво, намалување на улогата на човечкиот фактор итн.

Со процесот на модернизација на наплатните станици на Коридор 8, што го почна ЈПДП, пак, сите наплатни станица треба да имаат ист електронски ситем на наплата на патарина, како што е воспоставен и на Коридорот 10.

На сите постоечки наплатни станици на Коридор 8 ќе се изврши реконструкција за поставување на системот на електронска наплата, на кабините, на островот каде што се кабините и на сообраќајните ленти за поминување. Во моментов, као што велат од ЈПДП, течат подготовките за почнување на проектот за модернизација.

Според извештајот за финансиското работење на ЈПДП за вториот квартал годинава, покрај од патарина, ЈПДП има приходи и од патна такса што се плаќа при регистрација на возилата, во износ од 461.682.144 денари, или за 3,48 проценти повеќе споредено со приходот по тој основ во истиот период лани. Приходот на ЈПДП од акциза на нафтени деривати, пак, во вториот квартал годинава изнесува 1.079.735.226 денари. И по овој основ претпријатието има зголемени приходи, за 2,21 процент или за 23.358.983 денари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *