Руси му украдоа хит нумера на Тоше Проески

Тоше, жртва на руски плагијатори: Со премиера го претставија неговиот хит како своја авторска песна

Една од најпопуларните, но и најстарите руски рок групи ,,Землјане” која постои повеќе од четири децении на руската музичка сцена, ги разгневи почитувачите на ликот и делото на Тоше Проески, откако промовираше плагијат на хитот на Проески, ,,Боже чувај ја од зло”, а песната ја претстави како своја, авторска.

Насловот на плагијатот на ,,Землјане” е ,,Боже” и истата ја промовирале на музичкиот канал Јутјуб кон крајот на месец февруари годинава. Под линкот со песната е наведен и авторскиот тим, односно под музиката е потпишан Владимир Трушин, а пак под текстот, кој е само преведен и прилагоден на руски јазик, потпишан е Владимир Киселев, кој бил еден од основачите на бендот во далечната 1978 година.

За песната тие снимиле и видео спот, а истата веќе има над 116.000 прегледи на интернет. ,,Фокус” стапи во контакт со одговорните во бендот, но нивниот одговор беше дека ќе не побараат подоцна.

,,Боже чувај ја од зло” е еден од најголемите хитови на Тоше, кој се најде на неговиот албум ,,Игри без граници” кој беше издаден во 2007 година, на македонски и српскохрватски јазик, а беше промовиран околу две недели пред несреќата во која го изгуби животот.

За време на промоцијата на албумот, Тоше изјави дека ,,Игри без граници” не е само негов проект, туку и на неговиот бенд, на менаџерката Лилјана Петровиќ, на луѓето од ,,Аворд продукција,, но и на авторите кои ги создале песните.

-Презадоволен сум оти вложивме многу енергија и љубов. Го продуцира еден од најдобрите продуценти во регионов, Никша Братош. Го работеше речиси истиот тим од минатиот албум, но, според мене, ова е најдоброто од нас. На „Игри без граници“ има девет нови песни, како автори се потпишуваат Миро Буљан, Антонија Шола, Никша Братош и Мирослав Рус. Препевите на македонски јазик ги направи Весна Малинова, а Владо Јаневски го направи препевот за нумерата „Среќна ли си ти“ – раскажа тогаш Проески.

Од фондацијата ,,Тодор Проески,, се уште нема официјален став и најава за превземање на конкретни мерки по повод плагијатот на руските рокери.

Вики Клинчарова

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *