Рудник „Саса“ во далечното минато

Планинскиот масив Осогово, во чиј состав е и рудникот „Саса“, а особено во средниот век бил објект на интензивна рударска и топилничка активност. Сведоштва за тоа се многубројните остатоци. Сочувани се до денешно време, некаде во неизменет облик, старите рударски објекти, алатки и друго, како и траги од топилничка активност.

Напоредно со доказите за рударска активност на подрачјето, најчесто се присутни и обемни археолошки сведоштва за месноста каде што живееле рударите, за условите во кои тие живееле, за нивните навики, верувања и слично. Рударството во нашиот крај, со различен интензитет, постоело од дамнина. Денешните наши сознанија можат да се сведат на следново: рударењето во „Саса“ и нејзиното подрачје има корени во далечното минато, односно уште во времето на римската империја. И за тоа, се разбира, постојат соодветни траги и претпоставки.14355734_1378485282179307_3095062999152562261_n

слика – стари рударски чекани

Меѓутоа, со доаѓањето на германското племе Саси на Балканскиот полуостров, па и во овој крај, рударството зазема поголем замав. Тоа е разбирливо, зашто Сасите во ова подрачје дошле со единствена задача – да го поттикнат развојот на рударството. Масовното доаѓање на Сасите е забележано околу 1250 година. Во Дубровник се споменува дека во 1253 година значајно бил зголемен увозот на метали, пред се злато и сребро, као резултат на зголемената рударска активност со доаѓањето на Сасите на Балканот.

Доаѓајќи во нашите краишта, Сасите со себе ги носеле и правните обичаи што владееле во тоа време во Германија. Тие обичаи биле признавани и од средновековните владетели што владееле во овие подрачја. Правните обичаи во тоа време биле регулирани со таканаречениот саски рударски закон, кој е единствено сочуван кај нас во турски превод, а има 133 члена.

Сасите во тоа време имале и пошироки овластувања, своја администрација, судови и други автономни права, со единствена цел – поуспешно да се поттикне развојот на рударството во овие краишта. Тие во прв ред биле рудари и топилничари, но понекогаш и сопственици на одделни рудници. Сасите се задржале до 17 век. Токму во тоа време, поголемиот дел од нив заминал од нашите краишта, додека еден помал дел, бил асимилиран од месното население, го изгубил својот јазик и религија, но останале многу имиња на села, локалитети и слично. Во времето на турското владеење, рударската активност сосема замрела, и иако постоењето на олово-цинкова руда во локалитетот на сегашниот рудник било познато уште од дамнешни времиња, голем број негативни фактори влијаеле и довеле до тоа да, првите истражни работи започнат дури во 1954 година.

Современите геолошко-рударски истражни работи во „Саса“ се одвивале во периодот од 1954 до 1961 година, додека пак, во периодот од 1961 до 1966 година биле извршени сите проектирања, биле изведени потребните рударски објекти и биле изградени градежните индустриски објекти, била набавена и монтирана опрема, а започнала и изградбата на разни инфраструктурни објекти во Македонска Каменица.

Веќе ве текот на 1966 година (29.11.1966), рудник „Саса“ започнува со процес на производство на олово цинкова руда. Годинава, Македонска Каменица со низа настани го одбележа јубилејот – 50 години од почетокот со производство во Рудник „Саса“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *