Рома вечерва ќе игра за ново чудо

Тоа што им успеа против каталонскиот гигант Барселона, фудбалерите на Рома ќе се обидат да го повторат и на реванш полуфиналниот дуел од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, против англискиот премиерлигаш Ливерпул. Гигантот од “Енфилд” пристигна во Рим со предност од три гола (5:2), но и Барса со идентична предност го стартуваше реванш 1/4 финалниот дуел, кој на крајот заврши со триумф на римската “волчица” од 3:0.

Благодарение на тој историски успех, предводникот на Рома, Еусебио Ди Франческо, верува дека неговите фудбалери ќе направат уште еден подвиг и ќе обезбедат пласман во финалниот натпревар.

  • Да не очекувате сличен натпревар како во Ливерпул. Сега ќе видите една поинаква Рома. Мора да веруваме во успех, мора да веруваме во нашите квалитети. Го имаме потребниот квалитет за да направиме уште еден подвиг и да обезбедиме пласман во финалниот натпревар, изјави Ди Франческо.

Неговиот колега од спротивната страна, Јирген Клоп, пак е убеден дека противникот не може да направи уште еден историски резултат.

Првиот дуел ми дава за право да мислам дека моите фудбалер можат да слават и во Рим. Можеме да победиме и на реванш натпреварот, но мора да бидеме фокусирани во сите 90 минути. Се ќе беше поубаво ако победевме со 5:0 или 5:1, но и триумфот од 5:2 ни дава за право да се надеваме дека Ливерпул ќе биде дел од финалниот натпревар во Киев, изјави германскиот стручњак.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *