Психички последици до кои води алкохолизмот

Психички последици до кои води алкохолизмот

 
22 јуни 2017
Според Светската здравствена оргазнизација, за алкохоличар се смета она лице кое прекумерно употребува пијалаци, односно она лице кое е зависно од алкохол. Зависноста се карактеризира со пореметување на физичкото и психичкото здравје, пореметени односи со околината, економски тешкотии и друго.

– Долгогодишната злоупотреба на алкохолот води до низа промени односно бројни нарушувања на сите психички функции: се намалува концентрацијата, како и помнењето, потоа, мислењето е отежнато и забавено, се намалува интелектуалната ефикасност. Карактеристични се емоционалните промени. Често се присутни напнатост, страв, равнодушност, раздразливост или незаинтересираност. Волјата и нагоните исто така се смалуваат, вели д-р Кристина Василевска.

Алкохолизмот води до промена на карактерот на личноста и појава на алкохоличарско однесување.

– Алкохоличарите најчесто го минимизираат или негираат проблемот, се обидуваат да најдат оправдување за себе и своето неодговорно однесување и многу често вината за сопствените проблеми ја префрлаат на другите. Најтешките психички компликации на алкохолизмот претставуваат алкохолните психози, од нив најчест и најтежок е алкохолниот делириум, вели докторката.
Акутно патолошко напиена состојба
Патолошкото пијанство се јавува порди неподносливост или преосетливост кон алкохолот. Вообичаено се јавува нагло, по испивање на мали количини алкохол. Се карактеризира со насташ на стеснета свест, конфузност, страв, немир, променливо однесување, а понекогаш се присутни илузии и халуцинации.

– Оваа состојба трае кратко време од неколку часа до неколку дена и завршува со длабок сон, по што се јавува несеќавање односно амнезија на претходно случените настани. Оваа состојба може да се јави и кај неалкохоличари, објаснува д-р Василевска.

alohol-7.
Делириум тременс (алкохолно лудило)
Според стручните лица, делириум тременс претставува најчеста компликација на алкохолната болест. Алкохолниот делириум настанува кај долгогодишни алкохоличари кои нагло прекинуваат со пиењето или значително ја намалуваат дневната доза на испиен алкохол. Најчесто на оваа состојба и претходи пределирантна состојба која се карактеризира со вознемиреност, несоница, тресење на рацете, повраќање, малаксаност, потење, забрзана срцева работа, зголемен крвен притисок, напнатост, нервоза, главоболка, понекогаш епилептични напади и краткотрајни видни и слушни измами- халуцинации.
– Делириум тременс најчесто се јавува во вечерните и ноќните часови и се карактеризира со интензивен страв, немир, тремор, несоница, стеснета свест, халуцинаторни дожувувања најчесто во облик на змии, гуштери, изобличени слики и друго.Оваа компликација на алкохолизмот се лекува во болнички услови, може да трае 7 до 10 дена, по што пациентот заспива во длабок сон, а потоа има амнезија за претходните доживувања. Смртноста на оваа компликација е до 15 проценти, информира докторката.

Алкохолна халуциноза

Алкохолната халуциноза е карактеристична за млади личности кои злоупотребуваат алкохол релативно кратко време (3- 4 години).

-Основната карактеристика кај алкохолната халуциноза претставуваат слушните (аудитивни) измами кои во почетокот се јавуваат во форма на неодредени шумови како зуење, гребење, тропкање, а потоа слушање на гласови кои имаат непријатна содржина како закани, наредби и друго, информира д-р Василевска.

Таа вели дека, во почетокот постои негирање на проблемот, а потоа под влијание на слушните измами се јавува страв, вознемиреност, депресивно расположените и настапи на агресивност.
Корсакова психоза
Корсакова алкохолна психоза се развива по повеќегодишна алкохолна злоупотреба. Според стручните лица, основна карактеристика на оваа алкохолна компликација претставува амнестички синдром на конфабулации, односно се создава празнина во сеќавањето за понови случувања кои се надополнуваат со нереални и нелогични измислени од пациентот содржини.

Алкохолна параноја, алкохолна патолошка љубомора
Алкохолната патолошка љубомора се развива по долготрајна алкохолна злоупотреба, почесто кај мажите по четвртата деценија од животот.
 	alkohol5

– Се карактеризира со сомничавост, недоверба, љубомора, психичко и физичко малтретирање на брачниот партнер со цел да изнуди признание за неверство. Карактеристично за алкохолната љубомора е што овие идеи се без реална основа и често се апсурдни. Со тек на времето овие љубоморни идеи се продлабочуваат до развивање на општа сомничавост и недоверба кај луѓето, вели докторката.

Деменција
Алкохолната деменција се јавува при долгогодишна алкохолна злоупотреба како резултат на долготрајна алкохолна интоксикација која води до оштетување на мозокот и пропаѓање на мозочните клетки. Карактеристично за алкохолната деменција е пропаѓањето на интелектуалните и емоционалните капацитети и целосна социјална неефикасност.
Извор: МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *