Прочитај Колумна: Дали мораме да тонеме во мизеријата на злобните, алчни и несреќни луѓе

06.XI.2017 (kamenica.mk)

Колумната во целост е преземена од интернет порталот ЦрноБело.

Автор: (О)милена

Какви се луѓето денес? Па не се добри, тоа може да го констатираме веднаш. Сите брзаат некаде, секогаш, секаде, агресивни се, дрски, невоспитани. Но, најмногу од сè останато, луѓето станаа лицемерни и многу злобни.

Mora-li-site-da-toneme-vo-mizerijata-na-zlobnite-nesrekjni-lugje-01.jpg

Дали затоа што општеството стана еден вид арена за борби во кои ќе преживеат само најсилните, па сите го прифатија тој самозаштитен механизам? Сепак, сè има граница.

Но, најголем дел од луѓето денеска се во состојба да газат врз останатите како да се некои чергичиња за обувки, само за да дојдат на своето. Само за да ја остварат целта.

Тие како да немаат грижа на совест. Како воопшто и да не слушнале за зборот совест, ниту мирен сон, ниту човечност. Буткаат сè што ќе им се најде на патот без да водат сметка за туѓи чувства, несреќи и судбини.

Кога луѓето ве сакаат? Кога сте им добри? Сè до оној момент кога сметаат дека сте под нив. Сè додека тие ве сметаат за инфериорни и не им претставувате никаква закана, вие сте супер, вредни, трудољубиви, ма срциња сте.

Сè додека не сте успешни како нив, имате помали финансиски примања и сте на некој начин скромни и не се истакнувате, вие сте добри. По можност и ништо да не ви се случува во животот, вие сте одлична пријателка, супер другарка, најдобра колешка.

Сè до оној момент кога почнувате да напредувате, да ги стигнувате, па дури и престигнувате. Тогаш веќе не сте онаа стара добра будалетинка покрај која тие се чувствувале супериорно.

Во моментот кога ќе ви се зголемат финансиските примања ќе биде исто како тие да примиле трн во окото. Во моментот кога ќе почнете да си дозволувате малку поскапи и поубави работи, да шетате и да уживате, вие во истиот момент станувате напорната, арогантна и „дигната“.

Просто е како грав – луѓето денес не сакаат да ве гледаат среќни и задоволни. Не сакаат да ви се случуваат убави работи. Ретки се тие кои ќе ви честитаат од срце и ќе прославуваат со вас. Остатокот потајно ќе ве мразат и колнат, и ќе се молат да ви „умре козата“.

Ќе се прашуваат што се случи со вас, како го постигнавте успехот. Ќе прилепуваат измислени приказни и лоши епитети до вашето име. Ќе ве озборуваат секаде каде што ќе стигнат, бидејќи денес е најголем грев некој да е подобар и поуспешен од тебе. Да е позадоволен, да е посреќен.

Никој нема да го земе предвид вашиот труд, вашата макотрпна работа и колку многу сте жртвувале за да бидете онаму каде што сте. Наместо да се радуваат за успехот на блиската личност, тие ќе ги употребат сите оружја во арсеналот за да ве уништат.

Ете, не се среќни, но нема да бидете ниту вие. Да сме начисто.

Се прашувам – имало ли толку многу злоба, љубомора и лицемерие порано? Секако, ова не се некои нови емоции. Постојат од моментот на човековото постоење.

А денес, како да се во некоја особена експанзија, се шират како немилосрден вирус, труејќи ги срцата и умовите на злобниците.

Каква сатисфакција имате да се дружите со некого само затоа што го сметате за понесреќен од вас? Дали покрај него вие се чувствувате поубави, посреќни, поуспешни?

Кој ви е мотивот да им наштетувате на луѓето, да им работите зад грб, да им го забодувате ножот во грбот во истата секунда откако ќе се свртат?

Што добивате со ова однесување? Дали сте посреќни, ви се полни ли душичката со убавина? Дали сите мора подеднакво да тонеме во мизеријата во која вие секојдневно се давите?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *