Приказна од мојот крај: Убиството на Усеин Чауш во Чорбаџиско маало, с. Луковица (1908)

1908 година, ладна зима. Турската војска на својот пат кон Штип веќе пристигнала на Калиманско поле. За потребите од намирници на војската Усеин Чауш се упатува кон околните села да ги обезбеди истите благовремено за да може војската да го продолжи својот не така лесен понатамошен дел од патувањето. Движејќи се од село во село, и барајќи од побогатите селани жито, грав, ориз и месо, бил забележан и цело време будно следен од комитите. Истата ноќ тие веќе го чекале и се гоштевале во куќата на дедо Ѓорѓи од Чорбаџиско маало, с. Луковица, знаеле дека таму ќе дојде да ја преспие ноќта.

Усеин Чауш со својот придружник ( обичен тур. војник) бил забележан дека доаѓа кон Чорбаџиското маало уште кога бил кај Ѓурѓина ливада, каде што веќе уморен доаѓал од Шатковското маало (маало на почеток на селото). На домашните им било кажано и забрането да излегуваат од дома, за да некој не го пресретне и извести дека комитите веќе се дојдени кај “Чорбаџиите” и чекаат да го убијат. Пристигнувајќи во маалото Усеин Чауш го забележал веќе сварениот голем котел со грав, кој бил наменет за комитите. Тој влегол на долниот кат од куќата со коментар: За комитите ли готвиш вечера чорбаџике? На што таа му одговорила дека готви само за нејзините гладни деца. Комитите сместени на горниот кат биле со план самиот Ѓорѓи, инаку силен и крупен маж, да го фати и со јаже задави гостинот во неговата куќа. Ги одбил со изговор дека никогаш немал убиено човек и дека тоа не може да го направи во својата куќа пред неговите деца. Тогаш комитите влегле во одајата каде седеле само домаќинот и Усеин Чауш со неговата придружба. Веднаш и лесно бил убиен со два куршума, а војникот уплашен и избезумен иако имал време да избега бил фатен и убиен пробувајќи да излезе на другиот крај од одајата каде што воопшто и немало излез.
Убиството било извршено, целта на комитите остварена. Требало само да се сокријат телата и трагите, за да не се открие каде и кој го извршил убиството. За таа цел биле собрани сите овци, кози и друг ситен добиток кои требало движејќи се позади коњите што ги носеле мртвите тела, да ги сокријат трагите од крвта врз снегот до местото каде што требало да бидат затрупани и сокриени истите. Добитокот неколку пати се движел по истата патека и трагите биле уништени, а телата биле затрупани во нива под веќе никнато жито. Внимателно било тргнато житото каде што биле ископани дупките, затрупани телата и истото пак вратено на место тоа продолжило да расте.
Веќе следното утро започнала потрагата по Усеин Чауш, а турскиот аскер веќе бил насекаде во селото… (продолжува)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *