ПОЛЕСНО ДО КАНАДСКИ ПАСОШ: Канада ги намалува условите за аплицирање

Новите мерки овозможуваат побрзо и полесно аплицирање за државјанство

Канада е се поблиску до воведувањето на новите мерки преку кои на странците ќе им биде олеснет патот до канадското државјанство. Законските измени на Законот за државјанство се една од главните цели во агендата на новата либерална влада.

Според изјавите на пратеникот Борис Вреснескај, Законот – познат како C-6, би требало да биде изгласан пред Денот на Канада (1-јули). Со потегот Канада има за цел да ги потикне доселениците да станат натурализирани државјани кои ќе се приклучат на големото канадско семејство.

Со добивање државјанство, граѓаните ќе можат да добијат канадски пасош, да гласаат на изборите, да се кандидираат за јавна функција, како и да ја напуштат земјата и повторно да се вратат без да бидат обврзани со дозволите за престој.

Во Канада е признаено и правото на двојно државјанство според кое се дозволува странците да се здобијат со канадско државјанство без притоа да го изгубат матичното.

Меѓу предложените измени е намалување на законски задолжителниот рок кој постојаните жители треба да го исполнуваат за да се квалификуваат за добивање на државјанство. Наместо 4-6 години како досега, страницте ќе треба да живаат во Канада 3-5 години пред да аплицираат за државјанство.

Странските државјани кои имале привремен престој ќе можат да го искористат истиот за исполнување на рокот. Дополнителни, ќе се укинат и јазичните тестови за одредени кандидати.

Со новиот закон ќе се укине и спорната одредба според која од канадско државјанство беа лишени лицата кои покрај тоа имаат и друго државјанство, а се осудени за тероризам, предавство и шпионажа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *