Повторно труење во Виница. 7 лица завршија на Инфективно во Штип

Седум лица од Виница завршија на инфективното одделение во штипската Клиничка болница, откако консумирале храна во угостителски објект – сендвичара.

„Во текот на викендот на Инфективното одделение примени се седум лица од Виница затруени од храна. Најмалиот пациент е 13 години, а највозрасниот 57 години“, информира Марина Шуманска, портпатол на Клиничка болница – Штип.

Состојбата на хоспитализираните се оценува како стабилна, но тие под лекарска контрола ќе останат и во наредните денови.

„Тие се наоѓаат на третман на Одделението за инфективни болести, во тек се и иследувањата и секако нивното лекување“, дополни Шуманска.

Сепак, неизвесно е дали инфективното одделение во Штип нема да биде пополнето и со нови пациенти, бидејќи на проблеми со труење од храна во Виница се пожалиле речиси 100-тина лица. Сите тие се муштерии на истата сендвичара, која во саботата само на една фирма испорачала 115 сендвичи за вработените.

Инаку, нашите информации говорат дека викендов истата сендвичара продала над 200 сендвичи.

Во меѓувреме, санитарни инспектори направиле контрола, зеле мостри и утре ќе се знаат причините за труењето на виничани.

Ова е второ труење во Виница, во рок од само 10-тина дена, што е аларм за сите инспекциски служби, контролите да бидат почести и поефикасни.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *