Отец Пимен се обрати со свој “facebook” статус за “Велики Поклади – Прочка”

Возљубени мои,
Денес на Прочка потребно е просто и едноставно да научиме да го употребуваме зборот “Прости”. Најпрвин формално само со јазик, но подоцна ќе забележите дека и вашите срца вистински ќе го прифатат овој збор преку чувството на покајание.
Преку неговата честа употреба ќе почне да се менуваат нашите животи, бидејќи со смелост и без осуда ќе можеме да се молиме на Отецот наш небесен преку молитвата “Оче наш” каде што бараме прошка на нашите гревови како што и ние им проштеваме на оние кои што ни згрешиле нам. А ако не даваме прошка, ќе ја добиеме ли од Бога?
Како христијани треба да бидеме во мир со сите, но доколку тоа зависи од нас. Затоа наше е да бараме прошка и да ја даваме. Доколку побараме, а не добиеме прошка од некој наш ближен останува да се молиме за него та Господ Бог да го вразуми. Не посакуваме зло никому. Ако посакуваме зло некому или се закануваме, навредуваме и колнеме да не се лажеме дека дека достојно го носиме името Христово. Христијанинот го љуби и се моли и за непријателот свој.
Не се брани црква, ни вера, ни јазик, ни нација со омраза, со распнување на братот свој. Не може да кажуваме дека го љубиме Бога кого не го гледаме, а да го мразиме братот свој кој што е постојано покрај нас. А братот ќе го засакаме ако побараме прошка од него, ако му дадеме прошка кога ќе ја побара од нас, ако се молиме за него.
Не кријте ја браќа својата злоба и крутост зад превезот на побожноста, туку разбивајте ја преку проштевањето и барајте прошка.
Простете ми и мене грешниот и недостоен архиереј, кој сум архиереј не поради мојата безгрешност и достоинство, ами поради потребите на црквата наша света Македонска. И нека ви биде простено од мене секое прегрешение волно и неволно, во знаење и незнаење, секоја закана и навреда во реалниот живот или на ФБ просторот.
Лесни и благословени пости.
П. С. Од утре обидете се да не јадете месо, но уште побитно обидете се да не го јадете ни братот свој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *