06.XII.2017 kamenica.mk
Функционален и хранлив, извор на протеини, свеж, без ГМО, за правилна дигестија, премиум, со сите важни состојки за активен метаболизам и добро варење, по традиционален рецепт, природен антиоксиданс, достапeн во четири различни вкуса, погодeн за дијабетичари, без холестерол, делотворен за цревната флора, оригинален квалитет, за само десет дена ги намалува стомачните и дигестивните тегоби,…
Ова се само некои од „препораките“ на производите кои речиси секојдневно ги конзумираме. Дали тие вистински не информираат или можеби не доведуваат во заблуда, па дури и не манипулираат?
Обележувањето на храната секогаш поттикнува дилеми – колку соодветствува на производот, ги содржи ли неопходните податоци (нето тежина, рок на траење, нутритивната вредност, алергени, состојки кои може да предизвикаат нетолерантност,…) или има и други, дополнителни, кои можат да го „извозат“ потрошувачот, да го наведат да купи нешто што можеби и немал намера или нешто што е потполно исто со друг производ само од поинаков бренд.
Што велат експертите, но, и дали потрошувачите воопшто ги читаат декларациите? Што е со поплаките дека на производите пакувани за одредени маркети, никаде не стои кој е производител?
– Етикетите на прехранбените производи не треба да го доведуваат потрошувачот во заблуда, туку да му обезбедат јасни и целосни информации за да знае што точно купува и врз основа на тоа да направи правилен избор согласно своите потреби и барања. Секој производ треба да ги содржи 12-те задолжителни информации што нашиот Правилник ги налага како обврзни на декларацијата или амбалажата: состојките, алергените, нето тежината, датумот на минимална трајност, условите за чување и употреба, адресата на операторот, местото на потекло, упатството за употреба и хранливата вредност изразена во нутритивна табела. Декларациите задолжително треба да ги содржат и состојките кои предизвкуваат нетолерантност, истакнува Лидија Петрушевска – Този, претседател на работната група за храна при Организацијата на потрошувачи (ОПМ).
Според неа, процентуалната застапеност на шеќерот, мастите и солта мора да се наведени, без исклучок. Ако, пак, производот е од увоз, тогаш, покрај постојната, мора да има и декларација на македонски јазик, барем за основните состојки.
– Некои од увезените прехранбени производи, посебно муслите за деца, немаат декларација на македонски јазик, а родителите најмногу ги купуваат. Имаат доверба дека се од ЕУ, иако тоа не значи секогаш подобар квалитет во однос на домашните, напоменува Петрушевска – Този.
Според претседателот на ОПМ Маријана Велкова Лончар, и читливоста на декларацијата е многу важна, да не биде со бели букви на проѕирна амбалажа.
– И големината на буквите треба да е соодветна. Замислете обичен потрошувач кога ќе влезе во маркет и сака да купи пет, десет производи, а треба/сака да ја прочита декларацијата. Мора да се размисли во оваа насока, за читливоста. Иако засега буквите на декларациите според величината одговараат на законски пропишаното и се согласно Правилникот, од аспект на потрошувач е тешко да се прочитаат. Дури и со лупа тешко се читаат, а одите и сакате да пазарите, вели Лончар.
Осврнувајќи се на истражувањето што го спроведе АХВ во соработка со ОПМ, Лончар укажува дека кога биле купени таргет – производите, за анализа, потребна била лупа за да се прочитаат деклерациите.
– Ги гледавме со лупа, ги зголемувавме, зашто имавме проблем дел од нив да прочитаме, дополнува претседателката на ОПМ.
Какви се искуствата на купувачите?
– Редовно ги читам декларациите на производите за да се уверам што консумирам. Сметам дека треба да се допрецизираат одередни инфорамции, да се дообјасни дали некои додатоци, како емулгаторите или хранливите бои, се евентуално штетни по здравјето. Во однос на детската храна, купувам производи кои се означени како органски, со назнака „био“, но не ми е јасно како, на пример, кашичка од телешко месо за бебе, наводно без адитиви и конзерванси, трае до август 2018? Во дилема сме со сопругот, тој вели дека е штетно, а јас, повикувајќи се на декларацијата, тврдам дека е добро за нашето дете, вели Неда Димова – Прокиќ, потрошувач од Скопје.
Според Александар Атанасов преводите на декларациите најчесто не соодветствуваат на оригиналот или се лошо срочени, со печатни грешки.
– Ги читам декларациите на храна само кога сакам да проверам дали производот содржи одреден алерген, глутен или соја. Во однос на содржината на шеќери, ја забележувам декларацијата дури откако ќе го изедам производот. Сепак, имам забелешки во однос на преводот, многу е лош. Ја читам декларацијата и во оригинал и на македонски и забележуваме несоодветост во називот на состојките. Исто така, сметам дека не се доволно објаснети емулгаторите, стабилизаторите, згуснувачите, антиоксидансите или другите додатоци во храната (за вкус, боја). Означени се само со шифра. Декларацијата треба да ги појасни зашто нам, на обичните потрошувачи, ништо не ни значи на пример Е425 или Е300, истакнува Атанасов.
Билјана Костиќ не ги чита секогаш декларациите. Повеќе, вели, обрнува внимание на рокот на траење на производот.
– Декарациите не се секогаш читки, понекогаш делумно се избледени, не може јасно да се види што има производот во својот состав. Некогаш, пак, дел од декларацијата е покреина со назнаката за тежина од маркетот, посочува Костиќ.
За Весна Јаневска декларациите не се стопроцентно соодветни на содржината на производите, а и малку потрошувачи знаат, дали ако е поминат рокот на производот, тој можеби дополнително се процесира и повторно се враќа на пазарот.
– Не ги читам често декларациите, купувам производи кои ми се веќе испробани, секојдневно ги користам и во кои имам доверба, изјави Јаневска.
Потрошувачите се жалат и дека многу често на декларациите стои само името на ланецот маркети за кои е пакуван производот, наместо името на производителот. Но, според инспекторите, во ваков случај, ако нешто не соодветствува со декларацијата, одговорноста ја презема маркетот.
Резултати од истражувањето
Со истражувањето на АХВ, спроведено во изминатите речиси две години, беа опфатени 120 примероци по случаен избор од големите маркети, различни по вид и производител. Вклучени беа шест групи производи, житарки (20 – леб, брашно, бисквити, тестенини и мусли), преработки на овошје и зеленчук (19 – седум во конзерва, шест во тегла, две во пластична амбалажа, четири во кеса), месо, месни производи и риба (21 примерок – пет свежо месо, пет риба, 11 совемсни производи), млеко и млечни производи (23 – пет млеко, четири примероци јогурт и кашкавал, три топено сирење и пет бело сирење) напитоци (20 – газирани 6, овошни 5, минерална вода 5, чаеви 5) и, масло (4), сол (4) и зачини (9).
Резултатите покажаа дека примероците генерално ги содржат 12-те задолжителни информации што нашиот Правилник ги налага како обврзни.
Само 11 (увезени) или девет проценти од 120 примероци немаат дополнителна налепница на македонски јазик, кај 31 производ или 26 отсто недостасува информацијата за хранливата вредност, додека 18 проценти на амбалажата имаат збунувачки информации што може да ги доведе потрошувачите во заблуда, односно да ги наведе погрешно дека некој производ е подобар од друг, сосема ист, само од друг производител.
– Овие информации може да се најдат на декларацијата, но не смеат да бидат лажни или двосмислени, туку поткрепени со научни, стручни факти. Не треба да го збунуваат потрошувачот. Со Правилникот не можеме да ги забраниме, но се препорачува да бидат јасни и конкретни, потенцира Петрушевска – Този.
Збунувачки информации се детектирани кај декларациите од речиси сите категории производи: леб, брашно, бисквити, тестенини и мусли, овошје и зеленчук, месо и месни производи, риба, напитоци, сол, масла,…
Во овој контекст, како што посочи Петрушевска – Този, некои домашни производители, посебно оние на зачини, се за пофалба, зашто покрај основните информации, ги истакнуваат и можните трагови на житарки со глутен, јајца, соја, целер, семе од сусам, млеко, лактоза,…
АХВ смета дека бизнисите во Македонија покажаа исклучителна сериозност кога станува збор за означување на храната.
– Тие многу сериозно ја зедоа во свои раце и ја имплементираа регулативата за означување на производите што е согласно ЕУ. Но, добро е да се знае што ги мачи нашите потрошувачи, дали постојат други начини бизнисите, АХВ и институциите да им излезезат во пресрет, вели Ката Стојановска од АХВ.
Мирјана Чакарова