Од 23 септември сите на работа, оние кои се спречени, да обезбедат потврда за оправдано отсуство

На 23 септември се враќаат на работа родителите на децата до шест години, хронично болните и лицата кои користат продолжено породилно отсуство, а оние лица кои се спречени да се вратат на своите работни места, дотогаш треба да добијат потврда за оправдано отсуство, поради нивната дијагноза и состојба. Сепак, доколку не стигнат да ги обезбедат потврдите, рокот ќе биде пролонгиран.

Од владината прес-служба, по одржаната седница на Влада, соопштија дека е донесена одлука родителите чии деца се до шестгодишна возраст, почнувајќи од 23 септември, да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, имајќи предвид дека детските градинки отпочнаа со активности за згрижување и воспитание на деца.

Владата на седницата го прифатила и Предлогот за изменување на Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца и тоа: воспитните групи за деца до двегодишна возраст да имаат максимум по 12 деца и двајца вработени во смена.

Имено, на седницата беше донесена одлука на истиот ден да се вратат на своите работни места и лицата кои користеле продолжено породилно отсуство. Можноста за користење на оваа мерка за продолжено породилно отсуство престанува да важи.

– Останатите вработени лица кои во моментот се оправдано отсутни од работа поради користење редовно породилно отсуство, да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи веднаш по истекот на породилното отсуство, гласи одлуката.
Владата одлучи да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи и вработените лица кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести.

Како што соопшти владината прес-служба, исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист. Врз основа на таквата потврда овие лица ќе користат боледување, согласно соодветниот правилник од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

Од Министерството за здравство соопштија дека, хронично болните лица до 23-ти септември треба да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа, но, како што истакнаа, доколку не стигнат да ги обезбедат потврдите, рокот ќе биде пролонгиран.

Од Министерството истакнаа дека, за да можат пациентите да го реализираат тоа, пуштени се дополнителни термини во Мој Термин и е-амбуланта.

– Доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, рокот ќе биде пролонгиран. Со ова ќе се овозможи секој пациент, кој навистина треба да биде ослободен од работа и за да се избегне злоупотреба на системот, лекарот специјалист врз основа на својата експертиза и состојбата на пациентот ќе процени дали тој може да се врати или ќе добие потврда дека е ослободен од работа, наведоа од МЗ.

За потребите на системот, направена е измена на правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување и значително се олесни процедурата со која се овозможува лекарот специјалист да даде потврда за отсуство од работа во времетраење од шест месеци.

– Со препораката на Комисијата за заразни болести и одлуката на Владата и натаму ќе бидат заштитени најризичните категории. Според одлуката, оние кои навистина треба да бидат дома, остануваат дома и целосно ќе се избегне злоупотреба на системот. Согласно истата одлука, ослободени од работа ќе бидат и бремени жени до крајот на годината, односно до 31 декември, посочија од МЗ.

Имено, во моментов се активни 1860 случаи на заразени со Ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега беа регистрирани 15827 заболени лица, оздравеа 13315, а починаа  652 лица.

– На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 82 пациенти. На кислородна поддршка се 44 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се четири деца и четири мајки позитивни на ковид-19, седум деца и седум мајки суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 26 пациент. На респираторна машина се двајца пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 14, а во болницата во Штип се хоспитализирани 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 147, позитивни и сомнителни на ковид-19, наведоа од Министерството за здравство.

Се уште се на сила мерките за носење на заштитна опрема за пределот на устата и носот, држењето дистанца од два метра, како и негрупирањето. Донесени се протоколи за функционирање при пандемија во земјата во речиси сите сфери.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *